Што рода ни спаѓа Роберт Попоски: Тако, мајка, или маќеа!?
Еве како, на дело и на примерот на Охрид, ќе изгледа македонското “новинарство”, откако Министерството на вистината ќе дава по милионче евра годишно за сите “два на три” дневни весници.
Ако го изземам Вечер, останатите два дневни весници немаат дописници! А објавуваат по неколку информации дневно, под форма: “јавуваат некои од локалните медиуми”, или “дознаваат”, во секој случај неовластено го практикуваат “копи пејс новинарството”, или како што порано велевме “Ресавска препишувачка школа”!
А Вечер прв дознава, затоа што дописничка му е директорката на Охридско лето. А кој Господ направил брада на друг, пред да си ја направи својата!?И тука нема судир на интерес, се е фер и избалансирано!
Е сега, сајтовите, порталите, радијата, телевизиите, а богами и Фејсбукот, ќе бидат извори за информации за платените весници, а изворите и натаму ќе бидат неплатени, ама, како така, ќе извираат и од таму ќе се напојуваат платените весници!
Платените весници, сите заедно, имаат продаден тираж од “цели” десетина илјади на ден.Ајде нека се и дваесет илјади, отприлика колку што во Токио „Асахи Шимбун“,odnosno „The Japan Times“се продават на една улица,односно China daily, во три облакодери во Шангај!
Радијата и телевизиите, имаат големи трошоци. Дојдека Грујчо беше, политички, здрав и жив, имаше парица барем за неговите телевизии. Сега и самиот тој не може Канал 5 и Сител “да ги препознае”.
Драгиот Стојменов и Зинго Мали, фатија нов курс на пловидба, додека телевизиите зад кои формално стои Сеат Ибица, а неформално Великиот Братучед, ја фатија удолницата. Во Охрид О2 не зрачи во етер подолго време, а толку пари се истурија во кадровски ресурси и техника!
“На два на три весниците”, ја туркаат работата, доволен ви е сасмо во еден да ја прочитате унисоната објава: “Државата да плаќа половина од трошоците за печатење и дистрибуција на весниците, пардон печатените медиуми како поддршка за нив”. Вака го пренесуваат предлoгот на Здружението на печатени медиуми (ЗПМ).
Од ЗНМ, сеуште немаме официјален став, ама претседателот на Здружението, Насер Селмани, го најави: “Oва решение за поддршка на печатените медиуми е добро и оти се темели на европски искуства, за што ЗНМ направило и анализа. Бидејќи парите се даваат за реални трошоци за печатење и за дистрибуција, а поддршката нема да значи влијание на уредувачката политика”.
Се огласи и Здружението на приватните електронски медиуми (радиа и телевизии). Сега го чекаме “Манифестот” на “сестринското” здружение на електронските медиуми – сајтови и портали. Ако сеуште го нема, брзо ќе се формира. И тоа ќе бара дел од владиниот колач штом веќе драгиот Робет одлучил да го одврзе ќесето!
Роберт да знае дека и јас нема долго да чекам! Ги повикувам сите членови на идното Зружение на фејсбукчии и твитерџии: Сега му е мајката, “куцна задниот час”, дигнете глас- за наш спас! Види мајката, нас најмногу не има, од нас најмногу се позајмува (КРАДЕ), а Роберт не не есапи “ниту под разно”!
Не може така, другар Роберт. Ако си мајка – за сите мајка! Ако си маќеа – за сите маќеа! Ако си татко – за сите татко!
Зашто мајкојната ни е каде што ни е мајката, а таткојната – каде што ни е убаво!
Макар тоа било и – џенем!!!
Веле Митаноски
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.