22/11/2024
Охрид

Стојаноски: Луѓето кои не инвестираа ниту една шајка во образовните институции во Охрид, без срам ме обвинуваат мене

Во врска со прес-конференцијата на претседателот на ОК на ВМРО ДМПНЕ – Охрид, со своја реакција излезе Градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски.

„Иако во целост можам да го разберам очајот на ВМРО ДПМНЕ, сепак, сметам дека треба да се има барем минимум политичка култура и да не се манипулира со лаги и полувистини, а само со една и единствена цел, собирање ситни дневнополитички поени.

Луѓето кои четири и пол години, додека беа локална власт и цели дванаесет години додека беа централна власт, буквално, една шајка не инвестираа во образовните институции во Охрид, без трошка срам, за тоа ме обвинуваат мене.

Исто така, на вчерашната Ваша, такавикана прес-конференција, ме обвинивте дека не сум распишал тендер за превоз на ученици.

Господине претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ – Охрид, пошто сте се нафатиле да се занимавата со политика, тогаш Ве замолувам, ако не Вие, барем задолжете некого да ја следи работата на Собранието на РМ.

Овојпат, само сега, не повеќе, јас ќе ве информирам: На трети септември, по скратена постапка, Собранието на РМ донесе дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај.

Според новиот член 22-б: Бесплатниот превоз на ученици, утврден со Законот за основното образование и со Законот за средното образование, на подрачјата на општините каде што има утврден возен ред се врши од страна на носителите на дозвола за општински линиски превоз, по цени и на начин утврдени од советите на општините.

Според новиот член 27-б: Бесплатниот превоз на ученици утврден со Законот за основното образование и со Законот за средното образование, на подрачјата на две или повеќе општини каде што има утврден возен ред во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз, се врши од страна на носителите на дозвола за меѓуопштински превоз, по цени утврдени од превозниците, а кои не можат да бидат повисоки од цените на останатите патници.

Ова, почитуван претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ – Охрид, значи дека не треба повеќе да се рапишуваат тендери за превоз на ученици.

На крај, ме обвинувате дека немало тендер за нафта.

Господине Донев, грејната сезона започнува на петнаесетти октомври, да немате никакви грижи, постапката за набавка до тогаш ќе биде целосно завршена.“ – истакна градоначалникот Стојаноски.