23/11/2024
Македонија

Стота јубилејна изведба на претставата „Цветната улица” на Театарот за деца и младинци

Театарот за деца и младинци утре, 26 април, ќе ја одбележи јубилејната стота изведба на претставата „Цветната улица” во режија на Наташа Поплавска. По тој повод, претставата ќе се одигра двапати, и тоа: дневна изведба со почеток во 10 часот наменета за ученици од основните училишта и вечерна изведба од 19 часот за редовната публика …

Станува збор за поучна, забавна претстава со современи проблеми, како што се загаденоста, големиот сообраќај во градовите, загадувањето на природата со отпад, а ги учи најмладите и за рециклирањето и за создавање ново од старо. Драматизацијата на претставата е на реномираниот писател за деца Киро Донев, а подлошката за текстот е направeна според брошури на Европската Унија наменети за подигање на свеста кај најмладите во доменот на екологијата и заштитата на здравата животна средина.

cvetnata_ulica_2

За таа цел, сценографијата и костимите за претставата, дело на Емил Петров и Александар Ношпал, се направени од материјали за рециклирање, кореограф е Олга Панго, а композитор Џенгиз Ибрахим.

Претставата „Цветната улица“ премиерно беше изведена во јуни 2012 година и во неа улогите ги толкуваа актерите: Владимир Лазовски како Раскажувачот, Марија Ѓорѓијовска како лисицата Лила, Мики Анчевски во улогите на Армандо и Бени, Емран Куртишова во улогата на Флора и Бојан Кирковски во улогата на Том, а од оваа сезона во претставата настапува актерот Ненад Митевски како Раскажувачот.

cvetnata_ulica_3

„Цветната улица” е заеднички проект на: Театарот за деца и младинци, Делегацијата на Европската Унија во Македонија и независната театарска куќа „Арт медиа“ од Скопје.