22/11/2024
Охрид

„Странци“- болна приказна од нашето секојдневие

Драмски театар од Скопје со театарската претстава „Странци“ од Филипо Болоња, режирана преку современиот пристап на режисерката Нела Витошевиќ синоќа донесе преполна сала гледачи на фестивалот „Охридско лето“.

Актерите на Драмски театар донесоа современа приказна која кореспондира со новото и модерно време. Седуммина пријатели играа игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобилни телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи со што си ги откриваа личните тајни и отворија болни конфликтни ситуации.

Темата на синоќешната претстава е актуелна и со неа може да се поврзе секој човек. Зборува за тоа колку технологијата ги окупира нашите животи и нè отуѓува од нашите партнери и од семејства, колку лагата станува поважна од вистината.

Текстот во претставата е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играа Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург на „Странци“  е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

Публиката на „Охридско лето“ синоќа не ги штедеше аплаузите за фасцинантната и моќна приказна која донесе сосема поинаква естетска димензија. За „Странци“ , во билетарниците на „Охридско лето“ се бараше карта повеќе.

Галерија: