Струшките вечери ќе се одржат од 26 до 30 август
„Струшки вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и оваа година, во вообичаениот термин, на крајот на август со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот.
Со најновиот развој на настаните, фестивалот ќе се организира со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство. Помал дел од странските поети што од објективни причини нема да можат да бидат физички присутни ќе бидат претставени преку видео читања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.
Специјално видео обраќање како и видео читање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најави своето физичко присуство на следното издание во 2022 година.
Иако беше првично најавен како специјален гостин на јубилејното издание на СВП, минатогодишниот лауреат Амир Ор од објективни причини беше принуден да го одложи своето физичко присуство за следното издание.
Програмата на фестивалот ќе се одвива во периодот од 26 до 30 август и ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата но и од помладата генерација ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Во склоп на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а како специјален настан е промоцијата на монографскотото издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“ како дел од Националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.
Креативниот тим на СВП го подготви дизајнот на годинешното издание кој е претставен на социјалните платформи на СВП заедно со најавите на учесниците.
Струшките вечери на поезијата се одржуваат под мотото ИЗВИШЕНИ СВЕДОШТВА, ВОЗВИШЕНИ СТИХОВИ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.
Во согласност со најновите мерки за заштита, оваа година, исто како и минатата, свеченото отворање и затворање на Фестивалот ќе се одржи на покриената тераса на хотел Дрим. Во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел Дрим, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“
Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, со задолжително приложување на сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан Ковид – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст. Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот Youtube канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширок аудиториум.
Престојот на учесниците е регулиран согласно протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија.
Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје-Струга- Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија.
Во услови кога голем дел од светски познатите поетски фестивали беа откажани или одложени заради пандемијата со КОВИД-19, Струшките вечери на поезијата ќе го зачува континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.