Сузбивањето на корупцијата дава резултат со обединети чинители
Министерката за правда, проф. д-р Рената Дескоска денеска се обрати на меѓународната конференција „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“
Министерката за правда Рената Дескоска во своето обраќање потенцираше дека без исклучок, како криминален и социолошки феномен, морален и етички проблем, во различен вид и интензитет, корупцијата е присутна во сите држави.
„Сведоци сме дека транснационалниот организиран криминал, кој оди под рака со корупцијата, е сè позачестена појава, со сè пософистицирани облици на манифестација, што придонесува за прелевање на коруптивните појави од една во друга држава. Поради тоа, многу јасно е дека за успешна борба против корупцијата е потребна интегративна спрега од домашни и меѓународни активности, односно заеднички напори и на домашен и на меѓународен план,“ истакна министерката Дескоска. Таа додаде дека меѓу стратешките приоритети на Владата на Република Македонија е преземањето интензивни активности во насока на зајакнување на правниот и институционален систем на земјата во насока на превенција и борба против корупцијата.
Министерката се задржа подетално на активностите кои Република Македонија ги презема за превенција и репресија на корупцијата, како за националните, така и за меѓународно- превентивните и репресивни мерки, а со кои се јакне меѓу-институционалната, регионалната и меѓународната соработка.
Во таа насока, таа информираше за домашната антикорупциска правна рамка која започна да се гради во 2002 година, со усвојувањето на Законот за спречување на корупција и е последователно надградувана во делот на превентивните и репресивните мерки, а во чиј составен дел спаѓаат и Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.
Министерката Дескоска информира дека во 2015 година, домашната антикорупциска правна рамка е надополнета со Законот за заштита на укажувачи, со кој се воведуваат канали за заштитено внатрешно и надворешно пријавување во институциите во јавниот сектор и заштитено внатрешно пријавување во правните лица во приватниот сектор, а чија примена започна во март 2а016 година.
Потенцирајќи дека успехот во борбата против корупцијата зависи, пред се, од органите и институциите кои се задолжени да се справуваат со истата, министерката информира дека во Република Македонија се формирани специјализирани органи и тела за борба против корупцијата.
„Нема компромис кога станува збор за корупцијата – мора да се бориме против неа. Во оваа борба сме поефикасни кога сме обединети. Меѓународната соработка може да помогне во поттикнувањето на волјата за борба против корупцијата и способноста да се бориме со неа“ –истакна министерката Дескоска.
Меѓународната конференција „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“ е во организација на Групата на држави на Совет на Европа – ГРЕКО и Министерството за правда на Република Хрватска и се одржува во Шибеник.