23/11/2024
Македонија

Св. Атанасиј Велики

Атанасиј Александриски познат и како Свети Атанасиј Велики е христијански светец, Патријарх на Александрија во периодот од 328 до 373 година.

Атанасиј се родил во Александрија во 296 година. Откако го завршил своето образование, епископот Александар го прифатил како свое духовно чедо, и го поставил и за свој ѓакон и истиот го придружувал на Првиот вселенски собор во Никеја, каде биле разрешени редица на црковни проблеми, како определување на датата за славење на Велигден, дејствата Мелетиј Ликополски и дејствијата против Ариј, во кој се ставил како водич против аријанството.

Атанасиј го напишал Симболот на Верата кој на соборот бил усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј бил избран за архиепископ на Александрија. Во архиепископскиот чин останал над четириесет години, иако не бил цело време на архиепископскиот престол. Во текот на своето делување, на неколку пати бил прогонуван од страна на римските императори како Констанциј, Јулијан и Валент, како и од архиепископит Евсевиј Никомидиски.

Во 326 година, кога починал епископот Александар, Атанасиј бил избран на неговото место. Непријателите на св. Атанасиј, аријаните, покренале обвиненија против него за наводно користољубие и грубости над клириците. Поради тоа бил свикан собор во Трир, кој независно од изложените докази во прилог на невиноста на архиепископот на Александрија – сепак, го осудил. Откако видел дека на тој начин нема да ја добие правдата, Свети Атанасиј се сретнал во Константинопол со императорот Константин Велики и му ја претставил вистината.

Императорт ги повикал учесниците на Трирскиот собор повторно да го разгледаат делото, но непријателите на св. Атанасиј успеале да го измамат императорот со нова клевета. Гледајќи дека не може да ги помири Атанасиј и неговите противници, а плашејќи се од бунт во Александрија, императорот решил да го жртвува нејзиниот архиепископ и да го испрати на заточение во Галија. Таму Атанасиј поминал две години. По смртта на Константин Велики, неговите наследници со указ го вратиле за епископ на Александрија. Тоа дало нов повод на непријателите на Атанасиј да го прогласат за незаконски епископ, веќе врз основа на тоа што бил вратен на катедрата од светската власт.

Од вкупно 47 години епископско служење, тој 15 години поминал во прогонство.

Уште во своите први дела: „Слово кон паганите” и „Слово за воплотувањето на Бог Слово и за Неговото јавување во плот меѓу нас”, била посочена главната тема на неговото богословие. Основни негови догматски дела се: „Четири слова против аријаните” (околу 356–359), посветени на потврдувањето на божественоста на Спасителот. Нему му го припишуваат и „Житието на св. Антониј“, како и многу трактати, коментари на Светото Писмо, книги со нараво учителен карактер и проповеди.

Во 373 година починал во Александрија на 76-годишна возраст.

Именден празнуваат: Атанас, (доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен), Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…)

Нашиот народ два пати го празнува споменот на Свети Атанасиј Велики. На 31 јануари се празнува празникот Свети Атанасиј или Танасовден – зимен, а на 15 мај Свети Атанасиј Велики или Танасовден – летен.