Свечен прием за првачињата во ОУ „Живко Чинго“ Велгошти
Денес започна новата учебна 2024/2025 година за сите основци и средношколци во земјава. Во ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти, за првачињата беше организиран свечен прием.
Пред присутните ученици и родители се обрати директорката Љубица Ангелоска Кркачоска, која им посака срдечно добредојде и успех на сите ученици и вработени.
„Почитувани ученици, родители и наставници!
Дојде долгоочекуваниот ден – Првиот училишен ден!
Денешниот ден е почеток на нова светла фаза во животот на нашите првачиња, опкружени со љубов и внимание. Денес е вашиот прв училишен ден и првиот празник на знаење. Добре ни дојдовте во нашето училиште и во светот на науката и знаењето каде ќе стекнете нови знаења, другарства и вистински животни вредности. Во вашиот втор дом сакам да се чувствувате убаво, пријатно и секогаш да бидете желни за нови знаења и умеења, а вие родители да другарувате со вашите деца, да ги поддржувате, да ги охрабрувате, да им се радувате.
Да соработувате со наставниците бидејќи нивните совети ќе ви помогнат и ќе ве направат среќни во напредокот.
Моите ценети колеги сакам да продолжат да си ја работат воспитно образовната работа онака како што умеат најдобро како и досега.
Ви посакувам денешниот ден да го поминете најсвечено, величенствено, бидејќи овој ден се памети цел живот.
За родителите неизмерна радост и гордост, а за првачињата поголема возбуда и ново животно искуство.
Ви посакувам среќни и лесни училишни денови!
Нека ни е честит почетокот на школувањето и почетокот на новата учебна година!
Среќно на сите! – истакна директорката Кркачоска.
WebOhrid / 02.09.2024