23/11/2024
Охрид

Свечена програма по повод 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид

Со свечена програма, денес во големата сала на Општина Охрид беше одбележан 7 Ноември–Денот на ослободувањето на Охрид. Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој искажа искрена благодарност кон сите учесници во Народно ослободителната војна, а посебно кон оние херои кои пред 78 години, на Охрид конечно  му ја подарија слободата:

-Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата. Илинденската епопеја, Балканските војни и Првата Светска Војна се трагични епизоди, но и скалило повеќе кон целосното оживотворување на идеалот за слобода, еднаквост и човечките правдини, кој се реализира со застанувањето на македонскиот народ на страната на антифашистичката коалиција во Втората светска војна во која беа положени илјадници животи, за конечна победа и слобода на Македонија.

Денес 78 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се ставаме на страната на демократските и просперитетни државни заедници. Исто така, уверен сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации.

Дозволете ми моето обраќање да го завршам со парафразирање на големиот Јане Сандански: Ако животот е борба во која нашите татковци се избориле за слобода, нашата генерација треба да се бори за совршенство и така најдобро ќе го исполниме аманетот на нашите предци за слободна, просперитетна и вековита Македонија, во која Охрид ќе биде нејзиниот најсјаен бисер – истакна Пецаков.

Во името на ОО на Сојузот на борци, зборуваше потпретседателот проф. Љубиша Машановиќ:

-Во редица на значајни настани и горделиви датуми од историјата на нашиот град, посебно место зазема 7 Ноември 1944 година. Во раните утрински часови пред 78 години, започнаа жестоки борби со германските окупаторски сили за конечно ослободување на Охрид.Борбените дејствија започнаа околу 3 часот наутро, а завршија во попладневните часови. Охрид беше конечно ослободен, а германските единици беа протерани од градот.

На  олтарот за слободата на нашиот град, останаа на вечна стража 40 храбри борци, а повеќе од 60 беа ранети. Кон нивното дело, сите ние треба да се однесуваме со особена почит. Седми ноември е денот кога Охрид слави за успехот, за храброста и херојството и се искажува почитта кон жртвите кои ги положија животите за слободен Охрид, за слободна Македонија. Ден на слава стана овој ден. Ден на победата, ден над деновите за овој град – рече во своето обраќање Машановиќ.

Во продолжениe на свеченоста, ученици од повеќе училишта во градов и ансамблот “Билјана“, изведоа богата културно – уметничка програма.


WebOhrid / 07.11.2022 / Општина Охрид