22/11/2024
Охрид

Свечена седница по повод 11 Октомври – Денот на Народното востание

По повод одбележувањето на 82-годишнината од 11. Октомври – Денот на Народното востание, денеска во Општина Охрид се одржа свечена седница на која присуствуваа претставници на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, претставници на Советот на општината, пратеници, претставници на локални институции, претставници на општинската администрација и граѓани.

На свеченоста свое пригодно обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.

Почитувани дами и господа, дозволете, во името на Локалната Самоуправа на Општина Охрид, да Ви го честитам големиот празник на Македонскиот слободарски дух- 11 Октомври.

Четиригодишната народно-ослободителна епопеја на Македонскиот народ во Втората светска војна, ги постави темелите на новата Македонска држава и го реализира многу вековниот стремеж на Македонскиот народ за создавање сопствена држава.

Силната непокорност и континуираната борба на македонскиот народ резултираше со формирање на самостојна и независна Република Македонија, како единствена државна територија на Македонскиот народ на Балканските простори.

Славни и неизбришливи се трагите на револуционерниот и бунтовен 11 Октомври 1941год., како патоказ низ бурните времиња се до создавањето на сопствена држава и приклучување кон големото Светско семејство на народите.

Во сите периоди на своето опстојување, Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација.  

И покрај сите специфики на историските процеси, градот доживува  национален, социјален, културен и научен развој и продолжува да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и духовност.

За многу одлуки во животот потребна е храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и  достоинствено да се одговори на предизвициите кои ги носи иднината. Нам ни е потребна онаква храброст каква што во себе го содржи тој 11 Октомври, датумот кој го насочи текот на историјата, поставувајќи ги темелите на  идниот националниот развој. Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои доаѓаат.  

Почитувани присутни, нека ни е честит и долговечен 11 Октомври, симболот на непокорот на македонскиот народистакна Пецаков.

Свое обраќање за значењето на овој голем празник пред присутните имаше и претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески, кој истакна дека благодарение на пожртвуваноста и храбрите борци на народноослободителната и антифашистичка борба денес живееме во слободна и независна Македонска држава која била сон на многу генерации.

-Сега кога имаме самостојна Македонска држава, кога ја имаме долго очекуваната слобода нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Наша света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода и да продолжиме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред се правото на сопствен индентитет, јазик, историја, култура и достоинствен живот во Република Македонија како дел од обединета Европа. Само заеднички, решително и сложно, единствени и обединети можеме и мораме да и бидеме од поголема корист на татковината. Ние немаме резервна татковина, имаме само една држава, добиена со крвта на најдобрите синови на Македонија. Нека овој голем ден ни биде патоказ и нам и на генерациите по нас да ја чуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата татковина Македонија, рече Георгиески.

Свечената седница беше збогатена со културно културно-уметничка подготвена од учениците на ООУ „Свети Наум Охридски“ од Пештани и Хорот и оркестарот при гимназијата „Св. Климент Охридски“.  

Чествувањата по повод 11. Октомври продолжуваат и утре со полагање на свежо цвеќе пред спомениците на борците од НОБ.


WebOhrid / 10.10.2023 / Општина Охрид