Свечено одбележан патронатот на општина Дебрца
Денес во историското Црвена Вода, Славна Дебрца се одбележаа 76 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, до македонскиот народ, на 03 Октомври 1943 година, Ден кој е патронен празник на општина Дебрца.
Во оваа пригода гостин беше и Претседателот Стево Пендаровски, кој имаше свое обраќање.
Свое обраќање пред присутните имаше и градоначалникот Зоран Ногачески кој истакна:
„Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија.
Дебрца е величествен споменик на слободата. Дебрца е македонското светилиште. Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и најдолгиот пат од Арбиново, Дебрца до Дијар Бекир и назад и во текот на НОБ.
И не само тука, во Црвена Вода, на денешен ден, туку и на Славеј Планина, каде беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот “Мирче Ацев”, во Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Охридската Архиепископија , во лицето на Македонската Православна Црква.
Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки.
Поради тоа, започнавме со санација на овој Спомен Дом, во кој се сместени Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и Спомен собата на писателот Ванчо Николески.
Дебрца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите претци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца.
Таа визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство.
Нашата визија е Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат.
Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.“ – истакна Ногачески.