23/11/2024
Струга

Свечено отворање на 9. Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска – 20 август 2018 година, понеделник, ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива по деветти пат ќе се одржи во Струга, од 20 до 31 август.

На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, предвидено е свое обраќање да има поранешниот претседател на Република Латвија, г. Валдис Затлерс.

На годинешната школа ќе учествуваат триесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се г. Дејвид Голдсмит, еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, г. Озгур Торт, главен извршен директор на MIGROS Group, г. Штефан Петер, Претседател на Извршниот Одбор на ЕВН Македонија, г-ѓа Пинар Ајваз Арикан, Генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, г. Есер Џевахир, директор на Џевахир холдинг, г. Сани Шенер, Извршен директор на ТАВ аеродроми, г. Бајбарс Алтунташ, претседател на Инвестициониот форум за светски бизнис ангели, г. Дејвид Бекет, TEDx тренер, г-ѓа Снежана Живчевска – Сталперс, Менаџер на проекти во IBM.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија,Европа и светот.

Оваа година програмата на школата ќе биде фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани осум интензивни тренинзи за лидерство – вo 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите осум години на школата учествуваа 320 млади луѓе и над 180 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, г. Вацлав Клаус и г-ѓа Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, г. Борис Тадиќ, г. Георги Прванов, г. Петар Стојанов, г. Бамир Топи и г. Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.