23/11/2024
Македонија

Свечено отворен 20-тиот Итернационален фестивал на монодрама Битола 2018

Со прогласувањето на фестивалот за отворен, од страна на претседателот на меѓународното жири Коле Ангеловски , синоќа во Битола започна 20-тото јубилејно издание на Интернационалиот фестивал на монодрама Битола 2018.

„Време е за театар, на актерите им посакуваме добра игра, а на публиката да ужива во понудените претстави“, рече на сцената доајенот на македонското актерство и режија Коле Ангеловски.

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска, ги истакна културните дострели на Битола како град и на традицијата кон културата која Битолчани ја негуваат.

„Фестивалот е време во кое ние полтичарите треба да замолчиме, а актерите да говорат и да кажат се што имаат пред публиката. 20 години јубулеј на ваков фестивал е само доказ дека Битола е лулка на културата во земјава“, рече Петровска.

Пред присутните се обрати и в.д. директорот на Центарот за култура Битола Зоран Димовски, кој го посочи патот на организаторот низ различни премрежја и предизвици во изминатите 19 фестивалски години.

Во чест на актерите, на свеченото отворање беше одиграна претставата „Фигуре венерис хисторе“ на театарот Војдан Чернодрински од Прилеп, во присуство на бројната битолска публика, неговото Високо преосвештенство г. Петар, заменик министерот за култура Владимир Лазовски и гостите актери на фестивалот. Пред свеченото отворање, во фоајето на Народниот театар беше отворена изложбата „Низ фотографскиот светоглед“, на Петар Ставрев, кој преку фотографии направи ретроспектива на изминатите 19 фестивалски години. Денес започнува натпреварувачкиот дел, во кој е бидат одиграни три монодрами: „Големо е моето срце“ со актерот Среќко Марчета од БиХ, „Контрабас“ со актерот Шовги Гусеинов од Азербејџан и „Дивото дете во градот“ со актерката Тјаша Ферме од САД.