23/11/2024
Македонија

Шведскиот премиер со благодарност до Царовска за пристапувањето кон ,,Global Deal’’

Република Македонија пристапи кон ,,Global Deal’’- глобално партнерство за пристојна работа и инклузивен развој, како единствен партнер од овој регион. Премиерот на Кралството Шведска, Стефан Лофвен испрати писмо до министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во кое изразува искрена благодарност за пристапувањето на Република Македонија.

Партнерството „Global Deal’’ го сочинуваат вкупно 80 различни партнери, односно земји, компании, стопански здруженија, синдикати и други организации. Целта на иницијативата е заедничко решавање на предизвиците кои ги носи глобализацијата, како што се нееднаквиот развој и прашањето на пристојна работа. Главниот фокус во овој процес е социјалниот дијалог, како клучна алатка за постигнување поголема еднаквост и инклузивен раст. Конкретно, оваа иницијатива работи во насока на охрабрување на владите, работодавачите, синдикатите и другите организации кон подобрување на социјалниот дијалог.

Со приклучување кон партнерството, Република Македонија се заложува за подобрување и зајакнување на социјалниот дијалог, што е во согласност со заложбите на Владата за зголемена инклузивност и транспарентност на процесите на креирање​ и имплементација на економско-социјалните политики.

Глобалното партнерство „Global Deal’’ се спроведува од 2016 година на иницијатива на шведскиот премиер. Претставува здружување на различни засегнати страни во согласност со Агендата за одржлив развој до 2030 година на ООН, а под покровителство и во соработка со Организацијата за европска соработка и развој и Меѓународната организација на трудот.