Света Лидија Македонска
Света Лидија Македонска
Света Лидија е родена во Тијатир (денешен Ак-Хисар), во Мала Азија, во првиот век. А во она време градот Тијатир беше познат по бојаџилниците. Па и оваа богобојазлива Лидија, како што се нарекува во Делата Апостолски (16, 14), беше продавачка на пурпурни ткаенини и бои кога стана прв човек во Филипи, во Македонија (па и во Европа), кого светиот апостол Павле го обрати во верата. За своето доаѓање во Македонија првиот проповедник на Евангелието за незнабожците беше поттикнат од Светиот Дух во видение. Бидејќи, кога апостолот и браќата што беа со него дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија, но Духот не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, слегоа во Троада. Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ … (Дела 16, 7 – 9). Надвор од градот Филипи при една река, сведочат апостолите во Делата Апостолски, беше едно место каде што доаѓаа од градот оние што имаа обичај да се молат. Меѓу таму насобраните жени Господ ? го отвори срцето на богобојазливата Лидија да внимава на зборовите Павлови. А кога се крсти таа и целиот нејзин дом, ги молеше кај неа да живеат Павле и оние што го придружуваа (апостолите Сила и Тимотеј), велејќи: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа.” (Дела 16, 15). Семејството на Света Лидија и домот на затворскиот стражар пред кого, по молитвите на светите апостоли Павле и Сила, се изврши чудото на отворањето на затворот во Филипи (Дела 16, 26), се првите никулци на Христовата Црква на македонска почва, која оттогаш, по молитвите на апостолите и на оние што по нивните зборови се обраќаа во Христовата благодат, низ многу страдања и искушенија со векови расне и принесува изобилен плод по сите македонски краишта.