22/11/2024
Македонија

Светата маченичка Матрона и Преподобен Јован Проѕорлив

Светата маченичка Матрона како сиромашна девојка беше слугинка во куќата на еден Евреин во Солун. Жената на Евреинот постојано ѝ се потсмеваше за нејзината вера во Христа и ја наговараше да се одрече од Него, а да оди во синагогата. Но кротката Матрона ништо не ѝ одговараше на својата госпоѓа, а тајно Му се молеше на Господ Христос. Еднаш Еврејката дозна дека кришум од неа Матрона отишла в црква, па сета во гнев ја запраша зошто не отишла во синагогата туку в црква. Матрона ѝ одговори: „Затоа што во христијанската црква живее Бог, а од еврејската синагога Он отстапи“. Бесна заради овој мажествен одговор Еврејката ја натепа и ја затвори во една темна одаја, а уште и ја врза. Но утредента ја најде одврзана со Божјата сила како клечи на молитва и Го фали Бога. По ова уште на двапати Еврејката ја затвараше и ја мореше со глад додека слугинката не ја испушти душата. Тогаш нечестивата жена го зеде телото на Светата девојка и од високо од нејзината куќа го фрли на земја. Христијаните го зедоа телото и чесно го погребаа, а кога епископот Александар ги дозна многубројните чуда на Светата маченичка, на нејзиниот гроб подигна црква. Злобната Еврејка наскоро ја постигна праведна казна: од истото место на куќата од коешто го фрли долу телото на Св. Матрона, таа се лизна, падна на калдрмата и намртво се разби.

Преподобен Јован Проѕорлив до неговата дваесет и петта година беше дрводелец, а потоа гонет од неодоллива желба за постојана молитва се оддалечи во пустина и таму поживеа до својата смрт, т.е. до деведесеттата година. Телесен но како бестелесен. Проѕираше во срцето на секој човек што ќе му се приближеше и можеше да му го погоди и името и неговата желба и мисла. На царот Теодосиј му го прорекуваше исходот на битките; им прорекуваше на војводите, монасите и на секого којшто имаше потреба да дознае што се крие во темнината на идните денови за него. Еден кнез го молеше да ја прими неговата жена, која особено сакаше да го види. Светителот не сакаше да ѝ удоволи на празната љубопитност, туку во сон ѝ се јави на кнегињата таков каков што е. Кога жената му го опиша на мажот нејзиното видение, тој ѝ потврди дека ликот на Светителот е навистина таков. Своите посетители ги поучуваше за смирението како за основна добродетел, секогаш наведувајќи примери од животот како многубројни возвишени карактери гордоста ги урнала во прав, а ги навела на тешки гревови. Самиот издржа големи напади од демоните. Еднаш му се јави сатаната со множество демони во вид на сјајни ангели. Тие го гонеа да му се поклони на сатаната, мамејќи дека тоа е Христос. А светителот мудро им одговори: „На Царот мој Исус Христос јас Му се поклонувам секој ден; да беше ова Тој немаше од мене особено да бара токму сега да Му се поклонам“. По овие зборови целата зла сила исчезна како чад. Св. Јован Проѕорлив се упокои мирно коленичејќи на молитва, во неговата деведесетта година.