21/12/2024
Македонија

Свети Григориј Богослов, архиепископ Цариградски

Денес е празник посветен на Свети Григориј Богослов, архиепископ Цариградски.

Роден во Назијанз од татко Елин и мајка христијанка. Пред да се крсти учеше во Атина заедно со Св. Василиј Велики и со Јулијан Отстапник. Често му пророкуваше на Јулијан дека ќе биде отстапник од верата и гонител на Црквата, како што и стана. Врз Григориј особено влијаеше неговата мајка Нона. Кога го заврши школувањето го прими Светото Крштение. Свети Василиј го ракоположи за епископ Сасимски, а царот Теодосиј Велики наскоро го повика на испразнетиот престол на Цариградскиот архиепископ. Состави многубројни дела од кои најславни му се теолошките, заради што е и наречен Богослов. Особено значајно е неговото дело „Беседа за Света Троица“. Пишуваше против еретикот Македониј, којшто учеше искривено за Светиот Дух (како Духот да е Божјо создание) и против Аполинариј, којшто учеше искривено за Христос дека немал човечка душа, туку дека Неговото Божество му било наместо душа. Пишуваше и против царот Јулијан Отстапник, неговиот некогашен школски другар. Во 381 година, кога во Соборот настана расправија околу неговиот избор за архиепископ, тој се повлече самиот, откако рече: „Не можат да н ѐ лишат од Бога оние што н ѐ лишуваат од престолот“. Потоа го напушти Цариград, отиде во Назијанз и таму до смртта поживеа во повлеченост, во молитва и во пишување корисни книги. Иако беше со слабо здравје цел живот, сепак доживеа осумдесет години. Моштите подоцна му ги пренесоа во Рим, а главата му се наоѓа во Успенскиот Собор во Москва. Беше и остана прекрасно светило на Православната Црква, како по кротоста и чистотата на карактерот така и по ненадминливо длабокиот ум. Се упокои во Господ во 390 година.