22/12/2024
Македонија

Свети Климент, архиепископ Охридски

За свети Климент Охридски, патронот на нашата Црква, првиот словенски епископ со Дух напоен од Бога, нашиот Старец, молитвеник, духовник, беседник, просветлител, учител… речиси и да немаме конкретни биографски податоци. Не се знае кога е роден, каде се школувал, кои се неговите родители и сл. Изворите молчат, но житијата никогаш немале за цел да ги изнесуваат личните моменти од животот на светителите, туку нивните богоугодни дела, нивните подвизи и жртви. Со иста таква цел и во спомен на овој голем наш светител и Божји угодник се напишани и овие редови. Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Во Пространото Климентово житие пишува: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител“. Поради оваа блискост со свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичко-брегалничката област каде со словенското кнежество управувал свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид, или пак, со помала веројатност од Солун. По заминувањето на свети Методиј од светот, со цел „целиот свој живот на Христа Бога да Му го посвети“ во манастирот на Олимп, со него заминале и свети Климент и свети Наум. Се смета дека двајцата таму биле замонашени. Дури и се мисли дека пред Моравската мисија, свети Климент учествувал и во Хазарската мисија. Во Моравија тој им помагал на своите духовни отци и учители светите Методиј и Кирил во мисијата. Уште пред тоа, тој учествувал во подготовките за мисијата, односно во преводите на библиските и литургиските текстови, каде што се здобил со огромно знаење кое ќе биде темел на неговото подоцнежно големо животно дело. Подоцна, заедно со рамноапостолните браќа светите Методиј и Кирил во 868-869 од Моравија пристигнал во Рим, каде што бил сведок на Божјиот благослов и потврда на делото на неговите учители и бил ракоположен во свештенички чин. Таму тие со себе ги понеле и моштите на римскиот папа и маченик свети Климент, кои ги пронашол свети Кирил, и се претпоставува дека при ракополагањето на свети Климент во свештенички чин можно е да го добил името во спомен на светиот папа Климент. По упокојувањето на свети Кирил во 869 година, свети Климент и другите негови собраќа заедно со свети Методиј повторно се вратиле во Моравија. Тука продолжиле да ја извршуваат мисијата под раководство на сега веќе архиепископот Методиј сè до неговата смрт. На теренот на оваа словенска земја се изодени првите чекори на словенската богослужба и писменост, откако пред тоа свети Кирил ја создал словенската азбука – глаголица. Иако и претходно не биле мирни во своето дело поради непријателите на словенскиот јазик, по смртта на свети Методиј во 885 година за неговите ученици започнале деновите на прогон и мачеништво. Во Моравија се случиле трагични мигови за словенската богослужба и писменост. Таму тие претрпеле големи искушенија: останале „без храна и облекло“, трпеле измачувања, прогони, навреди, фрлани биле во затвори, со неколку збора – преживеале сцени од житијата на мачениците, но и ни оставиле доказ како да се истрае во искушенијата. „Бог е милостив“ и Тој им дава сили на своите избраници да издржат. По тие тешки мигови и по смртта на свети Горазд, едни од учениците отишле во Бохемија, каде што го ширеле делото на словенски јазик до крајот на 11. век, а другите, Климент, Наум и Ангелариј преку Белград дошле во Плиска кај царот Борис, кој покажувал интерес за вакви луѓе поради потребата од ширење на христијанството на словенски јазик, а извесен број по заобиколен пат преку Венеција и Цариград дошле во Бугарија. Набргу потоа во 886 година свети Ангелариј подлегнал на раните здобиени во прогонот, свети Наум останал како управник на Преславската школа, а свети Климент заминал за Кутмичевица. Во науката сè уште со сигурност не се знае каде се наоѓа оваа област, претпоставките се насочени кон тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција. Девол, Охрид и Главеница биле три населби во областа Кутмичевица. Тука тој го започнал најплодниот дел од својот живот, на кој ќе му посветиме најмногу внимание. Со ова не сакаме да кажеме дека претходниот дел од неговиот живот не го сметаме за важен, далеку од тоа, бидејќи тој е темел на сето она што подоцна ќе следува, неговото богоугодно дело. Можно е свети Климент да присуствувал кога свети Кирил вдахновен од Светиот Дух, користејќи ги трите христијански симболи: крстот, триаголникот и кругот ја создал старословенската азбука глаголица. Покрај светите браќа Методиј и Кирил тој ја развил својата љубов кон Бога и пишаниот збор. За свети Климент браќата биле жив пример и образец за неговото лично издигање и усовршување. Знаеме дека тој им помагал на своите учители во преводот на богослужбените и литургиските книги на старословенскиот, подоцна црковнословенски јазик, кој е кодифициран како литературен јазик врз основа на македонскиот словенски говор од Солунско. Благодарение на претходниот период од својот живот, под будното око и духовното раководство на своите учители, рамноапостолните првоучители на сесловенскиот народ светите Методиј и Кирил и, пред сè, со Божја помош и промисла тој станува богоподобен… „Откако настрада, како ангел се јави на земјата, озарувајќи ги, преподобен, секогаш срцата на верните со богопознание, заради тоа со љубов те почитуваме, Клименте“, вели непознатиот негов ученик во Службата која ја составил во негов спомен. По доаѓањето во Охрид тој веднаш се зафатил со устројување на областа која му била доделена, со посебна грижа кон својата паства. Тука, како еден од најистакнатите ученици на светите Методиј и Кирил, достојно го продолжил нивното дело. Може да се каже дека тој повторно ги поставил основите на старомакедонската-словенска писменост, одејќи по стапките на своите духовни отци. Свети Климент проповедал и богослужел на разбирлив народен јазик. За таа потреба подигнал цркви и манастири и ја основал Охридската книжевна школа. Тој бил организатор и главен претставник на Охридската школа. Така, Охрид станал црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Главна дејност на Климент била просветлување на народот и негово припојување кон Христа. „На светот Христос тебе те даде, богоблажени, за пастир на луѓето, откако ти го довери стадото одбрано, а ти, светителе, сјаеш како сонце и ги озаруваш тие молитвеници“, пишува во Службата. Голем е неговиот влог во литературата и пишаниот збор, но не смееме да заборавиме дека свети Климент, пред сè, бил претставник на Црквата Христова. Неговите дела биле создадени во слава на нашиот Спасител Исус Христос и несомнено со Негова помош. Тој седум години самостојно ја вршел црковно-просветната дејност, учителствувал и вредно работел на своето дело. Но за да го оствари сето она што го замислил, нему му била потребна помош. По неговото востоличување за епископ Велички во 893 година покрај него доаѓа неговиот возљубен собрат свети Наум, неговиот достоен помошник, придружник и соподвижник, и тој го презема раководењето со Охридскиот книжевен центар. Тие секогаш со заеднички сили дејствувале. Уште од мали биле тесно поврзани, ги придружувале Солунските браќа уште пред словенската мисија и од нив добивале најодговорни задачи. Тие во сè работеле со удвоени сили како апостолите и како нивните учители. Така делото на своите духовници го продолжиле нивните ученици свети Климент и свети Наум, на тој начин доближувајќи им се на црковните отци. Преку љубовта кон Бога и своите ближни тие станале достојни продолжувачи на апостолското предание и дело. Свети Климент, еден од најблиските ученици на светите Методиј и Кирил, прв епископ на словенскиот јазик, заедно со својот соподвижник ги поставил темелите на ова велико дело. Во грчкото житие на свети Наум се вели: „А божествениот Климент, кога го зеде дивниот Наум, сличен нему по дела и слово, преминуваше од место на место… просветувајќи со проповед разни градови и краеви“. Бидејки топонимите Кутмичевица, Дремвица и Велика се непознати, се претпоставува дека Климентовата епархија била со центар во Охрид и неговата околина, но некои проучувачи на делото на свети Климент велат дека таа се простирала до централна Македонија, а можно е и да ги опфаќала Струмичкиот и Брегалничкиот крај. Преку дејноста на Охридската книжевна школа, со длабока љубов и почит кон делото на нивните учители тие го просветлувале народот паднат во гревовен мрак. Сведочеле за Бога и на луѓето им го покажувале патот кон Него, патот на спасението и Вистината. Ја продолжиле традицијата на своите учители, со доследно придржување до наследството на светите браќа. Со тоа ни го покажуваат значењето на послушанието и љубота кон духовните отци. Тие ги спроведувале изворните идеи на своите учители. Охридската книжевна школа уште се нарекува прв словенски универзитет. Тука како најдоследни бранители на делото на светите Методиј и Кирил тие жилаво го чувале и бранеле во неговата целокупност, пред сè, во поглед на писмото. Основна карактеристика на Охридската книжевна школа била глаголицата. Доказ за тоа се најстарите зачувани словенски ракописи од крајот на 10. и почетокот на 11. век, пишувани на глаголско писмо: Маринско и Зографско евангелие, Синајски псалтир и Синајски евхологиј, Македонски листови, Асеманово евангелие и др. кои потекнуваат од оваа школа. Ракополагањето на свети Климент за прв словенски епископ претставувало дефинитивно оформување на црковната организација со словенска хиерархија и богослужби на народен јазик. Со ова целата мисија добила конечна форма и трајност. Постои претпоставка дека е можно тој многу порано, уште од раката на свети Методиј да бил ракоположен за епископ, назначен токму за оваа област, бидејќи Архиепископијата на свети Методиј ја опфаќала и централна Македонија. Манастирите на свети Климент и свети Наум биле црковни и просветни центри, наставата се вршела во нив, таму се давала основна писменост. Свети Климент ги учел своите ученици да пишуваат, да препишуваат и самостојно да создаваат дела, „им ги објаснуваше подлабоките места од Писанијата“. Тој ги учел учениците на црковниот ред и на „псалмопение“, што кажува за неговата музичка поткованост. Во Охридската книжевна школа се подготвувале 3500 ученици, кои подоцна во групи од по 300 биле распоредени низ целата епархија. Едни од учениците биле ориентирани кон црковна дејност, други кон книжевна. Се препишувале и преведувале богослужбени книги, но и се создавале оригинални дела кои претставуваат класични творби на старата црковнословенска литература, составени според нормите на византиската поетика. Исто така, под раководство на свети Климент и свети Наум, во Охридската книжевна школа се дооформиле и комплетирале богослужбените книги, односно она што не можело да се доврши во Моравија. Како доказ за тоа служи фактот што најмногу стари ракописи со црковни служби потекнуваат од Македонија и носат белези карактеристични за Охридската книжевна школа. Благодарение на Охридската книжевна школа глаголицата се задржала во употреба уште повеќе од 2 века. Во Име и Слава на Бога и по примерот на апостолите и сите Свети Отци, свети Климент „го учел клирот на работи што се однесувале до црковниот ред, за псалмопението и за молитвите“. Народот и учениците ги „хранел“ со поуки и им „станал татко на сиромасите и заштитник на вдовиците“. Тој, преземајќи ја паствата, богослужбата и просветата во свои раце, успеал да изгради силен свештенички и учителски кадар. Ракополагал чтеци, ѓакони, свештеници и епископи и подготвил многуброен млад црковен кадар. Со тоа тој ја организирал нашата Црква на цврсти основи. Ова оди во прилог на тоа дека тие, пред сè, ја ширеле Христијанската вера и проповедале за Вистината, ја вовеле словенската богослужба, а заедно со тоа и писменоста. Богатството на ранохристијански споменици ни кажува дека таму христијанството живеело, но свети Климент со својата организација и дело му дал нова цврста форма, која трае и до денес. Свети Климент и свети Наум во духот на христијанството го продолжиле делото на сите кои делувале и се подвизувале на ова тло, од светиот апостол Павле, преку свети Еразмо Охридски и сите останати знајни и незнајни исповедници на Христовата вера. Тие го организирале монашкиот живот, столбот на Православната Црква, граделе цркви и манастири со впечатливи и високо-уметнички живописи. Според тоа, може да заклучиме дека таму се изучувало иконографија, фрескопис и мозаик, бидејќи веќе знаеме дека црквата на свети Климент е урнек на нови црковни градби. Ова кажува дека во Охрид свети Климент успешно го организирал црковниот живот и развил плодна дејност. Како епископ, вистински „пастир кој ја полага својата душа за својата паства“, свети Климент„ им станал на сите сè“. За таа потреба тој и ги пишувал своите дела. На јазикот кој штотуку ја доживеал својата писмена пројава, Климент создавал прекрасни дела. Ги создавал првите дела на литературниот словенски јазик, откако неговите учители го поставиле темелот со глаголицата. Преку неговите дела ги гледаме стилските и емоционалните можности на старословенскиот јазик, кој штотуку почнал да се оформува како литературен. Затоа се вели дека Охридската книжевна школа станала расадник на црковна писменост. Свети Климент, освен што работел на преводите на потребните богослужбени книги и друга богословска литература, бил и автор на оригинални дела: слова, поуки, пофални слова, пофалби, канони и житија. Житието вели: „Никогаш не го видовме да бездејствува… или се оддаваше на молитва, или се занимаваше со читање, или пак пишуваше книги… составил прости и јасни слова за сите празници… ја снабдил Црквата со псалмоподобни песнопенија“. Свети Климент се смета за еден од првите, најистакнати, најнадарени и најплодни писатели на старата словенска литература. Тој создавал творби со практична религиозно-просветна намена и со дидактичка и егзегетска содржина, кои можат да се споредат со најдобрите обрасци во византиската литература и беседништво. Тој бил втемелувач на најстарата оригинална словенска книжевност. Преку квалитетот на неговите творби и неговата споредба со најголемите учители на Црквата, добиваме слика за неговото образование. Се смета дека се образувал во високи византиски школи, но пред сè, под закрилата на своите учители, од кои го добил најпотребното и највредното знаење. Од нив добил мудрост која се стекнува само со опит и живот посветен на Бога. За неговото образование нема пишан доказ, но според она што го напишал нема да згрешиме ако кажеме дека стекнал солидно образование и добро ја познавал византиската литература, па затоа можно е да учел во византиска школа. Во Охридската книжевна школа посебно место се посветувало на химнографијата, за што сведочат сочувани преписи на основните литургиски книги: триоди, минеи и октоиси. Тој е автор на повеќе канони. За да создаде такви големи химнографски дела, тој морал да биде и музички поткован, да ја познава многу добро црковната музика, црковната нотација, композиција и мелодија. Канонот е полистрофичка химнографска форма, најобемна и најсложена. За музичката активност на свети Климент дознаваме и од неговите житија. Тој ни се открива како музички педагог, композитор на духовни творби и преведувач на псалмоподобни напеви. Тој ги учел помладите на црковен ред и на „псалмопение“. Во својата поука за Вознесението Христово, свети Климент нагласува дека херувимската песна се пее „едногласно“, потоа: „И свјашченаја пјенија писанием прејдаде“. Како прилог кон големото дело кое произлегло од перото на свети Климент Охридски, повторно ќе се навратиме на неговите житија: Теофилакт сведочи дека свети Климент „богато ја снабдил Црквата со канони за пеење, при што едни од нив составил за многу светии, додека други – молитвени и благодарствени, составил во чест на Сенепорочната Мајка Божја“. Хоматијан пак, сведочи дека Охридскиот светец го напишал „целото Боговдахновено Писание, пофални слова, житија на свети маченици и преподобни и свештени песни“. Во својот манастир тој напишал најголем дел од своите творби. Изградил книжевна норма и напишал оригинална проповедничка и хагиографска литература, со што ги поставил основите на Охридскиот книжевен центар, кој го продолжил неговото просветно дело неколку векови по него. Бил педагог, плоден писател, родоначалник на црковното словенско беседништво и на словенската литература. За македонската и општословенската култура и просвета од огромна важост е просветителската и книжевната дејност на свети Климент. Со од Бога даруван книжевен дар тој им се приближил преку своите дела на најголемите Отци на Православната Црква, како што се: свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и многу други. Затоа често бил, и денес е споредуван со нив, а во црковните зборници и книги неговите дела се секогаш заедно со нивните. Силното влијание на Охридската книжевна школа се чувствувало со векови не само во Македонија и кај другите јужнословенски народи туку и во Русија. Неговото дело се раширило и надвор од македонските граници и добило сесловенски карактер. Големиот број на преписи од неговите дела, преку 1000, кажуваат колку тие биле омилени и барани од црковните кругови. Делата на овој светител биле прифатени во целиот православен словенски свет и ги поставиле основите на црковно-манастирските библиотеки. Благодарение на делото на свети Климент и свети Наум, во православните словенски земји црковно-словенскиот јазик останал како заеднички јазик, сè до создавањето на современите словенски јазици. Свети Климент и свети Наум биле просветители и учители. Но, денешното значење на зборот просвета не се совпаѓа со она старословенското „просвештение“, односно просветлување кое значи апостолство, мисионерство. Освен просвештението со крштение – преку црковни обреди и служби, просвештението со братољубие – преку живот според евангелскиот принцип и љубов, свети Климент се залагал за просвештение со букви – преку описменување и книги. Тој уште во 886 година ја започнал својата просветна дејност. Настан со општословенско значење, важен пресврт во духовниот живот на нашиот народ и почеток на нов период во нашата историја. Така Охрид станал најважен центар на словенската култура. Главна дејност на свети Климент била просветлување на народот и негово припојување кон Христа. Откако станал епископ, но и претходно, па сè до крајот на својот овоземен живот, како вистински пастир и Старец, тој целото своето време им го посветил на монасите, својот народ и книжевната дејност. Работел без починка дење и ноќе. Во житието ќе прочитаме: „Со своето дело Климент го урна ѕидот на незнаењето“, а во Службата: „Охридската црква, во која ти дојде како благ, просветлена е од твоите молитви“. Тој бил пастир-учител не само со зборови туку и со целиот свој живот и дело. Зборот учител тука треба да го сфатиме во евангелска смисла. Тој најмногу се залагал за просветување преку добродетели и евангелската заповед за љубовта. Откако ја започнал својата дејност во Македонија почнале да никнуваат цркви и манастири, кои се исполниле со монаси. Тој подигнал црковен кадар, идни проповедници на христијанството. Свети Климент заедно со свети Наум несомнено се духовни заштитници на нашиот народ, наследници и спасители на големото дело на нивните и наши првоучители светите Методиј и Кирил. Очигледно е дека преку црковно-пастирската дејност тие изоделе трнлив пат, налик на Христовиот. Затоа на овие двајца светители голема чест им оддава и старата охридска црковна уметност: фрескописот и иконографијата. Свети Климент бил богослов, беседник, пастир, мисионер… давал пример со својот живот, со добродетелите, службата, подвизите, творештвото… личност скроена според Евангелието, подобна на Христа, охристовена, вистински проповедник на Христовата вера. Со добивањето на епископскиот чин примил апостолска служба на свештенослужење и проповед, им го покажувал на луѓето патот на богопознанието и ја водел паствата на патот на спасението. Како што вели апостолот: „На сите им станал сè“. Бил сострадалник на своите луѓе. Пример како „целиот свој живот да Му се посвети на Христа“. Терминот учител во христијанството значи: поучувач (наставник) во верата, мисионер, проповедник. Бил трудољубив, голем молитвеник и подвижник. Вистински Просветлител – тоа значи полнота на човековиот живот во Бога, каде што човекот во заедништво со Бога, преку Светиот Дух се просветлува. Ова зборува за нивото на неговата духовна големина, степенот на неговиот духовен раст. Во Православието нема просветлување без Светиот Дух. Благодарение на Него свети Климент го извршил целото свое дело. Светиот Дух е Тој Кој го преобразува човекот и го прави достоен за вакви дела. Оваа плодна црковно-просветителска и книжевна дејност претставува темел на една долга црковна и книжевна традиција која многу се распространила, а Слава Му на Бога, трае и до денес. Затоа, достојно да Му блгодариме на Бога за дарот на вакви учители кои ги втемелија луѓето во Православието. „Кое место не се освети од твоите молитви, светителе? Која ли црква не се освети од твоите слова…?“. На епископската должност тој останал 23 години. Во 916 година, шест години по упокојувањето на свети Наум, и тој ја предал својата душа во Божји раце. И по неговата смрт Охридската книжевна школа го задржува доминантното место во развојот на македонската писменост. Свети Климент заедно со свети Наум ги зацврстија темелите, односно го продолжија делото на оние кои пред нив ја создаваа и градеа Македонската Православна Црква и со право таа сега се нарекува Светиклиментова. Нивната плодна дејност на полето на Црквата роди богати плодови, од кои ние и ден денес се храниме. Еве и ние денес сме сведоци дека по нивните свети молитви во нашите манастири се продолжува нивното дело. И да не заборавиме, сето ова ни е оставено во наследство кое треба достојно да го чуваме. Свети Климент е светител од општословенско значење, кој многу брзо по неговата смрт бил канонизиран. Неговата големина прекрасно ни ја доловува еден од неговите непознати ученици во Службата составена веднаш по неговата смрт, во негов спомен: „Очистувајќи си ги душата и телото и умот, блажен… имајќи на земјата ангелски живот, ти, блажен, придоби чест рамна на ангелите. Заедно со нив сега стоиш пред Владетелот. Помоли се, блажен, за своето стадо“.
За многу години!