Свети Леонтиј Струмички, патријарх Ерусалимски
Свети Леонтиј е роден во Струмица, поранешен Тивериополис, од богати и благочестиви родители. На Крштението го добива името Лав. Штом научи да чита почна да ги изучува Светото Писмо и житијата на Светиите, a во душата му се роди желба да стане монах. По смртта на родителите се повлече на една осамена гора, каде што почна да се подвизува, а потоа замина за Цариград, каде што стапи во манастирот на Пресвета Богородица, наречен Птелидион, тука примајќи монашки потстриг. Живеејќи во покаен плач и солзи се издвојуваше по особеното почитување и љубов кон нашиот Господ и Неговата Пресвета Мајка. Иако сè уште млад, Преподобниот презема на себе еден тежок подвиг: одеше по улиците на царскиот град правејќи се дека не е со здрав ум, поради што мнозина го исмеваа и навредуваа, а често и физички го повредуваа. Поднесувајќи сè со големо смирение Преподобниот набргу достигна голема мерка во добродетелта и во молитвата од што најприродно се појави и дарот на чудотворство. Носеше жар во рацете или во мантијата и ги кадеше чесните икони по градот, а огнот не го повредуваше. Во тоа време во Цариград дојде еден добродетелен Архиереј од градот Тиверијада, а Преподобниот штом го здогледа отиде кај него и почна да му служи во послушание. Тој живееше на една гора надвор од Цариград и околу него се собираа и други духовни чеда. Еден ден Преподобниот беше испратен во Цариград по работа, но со благослов да се врати истата вечер како не би му се случило некое искушение во градот. Тој знаеше често да каже дека рибата не може долго да издржи надвор од водата во врска со излегувањето на монасите надвор од своите манастири. Извршувајќи го своето послушание во градот Преподобниот не можеше да најде брод којшто ќе го врати на спротивната страна и за да не ја наруши заповедта на Старецот се фрли во морето, а водата му дојде само до грлото додека не дојде до другата страна. Така Бог устрои за светото момче да не се возгордее и да не помисли за себе високо дека е сличен на Господ во Неговото одење по површината на морето, а сепак на чудесен начин да стаса на другата страна извршувајќи го своето послушание. По некое време Тиверијадскиот Епископ тргна на пат за својата црква во Ерусалим и со себе го зема и блажениот Леонтиј, a патем тие свратија на островот Патмос. Преподобниот измоли од духовниот отец благослов поради зголемување на својот подвиг да остане во манастирот на свети Јован Богослов. Подвизувајќи се таму со тајни подвизи, за коишто никој од браќата не знаеше, особен за него беше дарот на солзи и богоподобното смирение, поради кои умот толку му беше просветлен од Господ што многу книги од светите Отци знаеше напамет. Игуменот го замонаши во голема и ангелска схима и го удости со Светата Тајна на свештенството. Поради своето смирение и големите тајни подвизи, пред сè во молитвата на срцето, се удостои со многу виденија на светиот апостол и евангелист Јован, а по смртта на игуменот браќата го избраа за нов старешина на Апостоловиот манастир. Кога неговите добродетели се прочуја и за него дозна благочестивиот цар Мануил Комнен (1143-1180 г.) по желба на царот и на мнозина архиереи беше избран за Патријарх Ерусалимски. Како Епископ помина некое време во метосите на Ерусалимската Патријаршија и Светиот Гроб на островот Кипар, а потоа се пресели во градот Акра на палестинското крајбрежје (поради Латините кои тогаш владееја со Ерусалим не дозволувајќи му на православниот Патријарх таму да се смести), а потоа прејде и во Ерусалим. Латините коишто ја имаа световната контрола врз Ерусалим не му дозволуваа на светиот православен Патријарх да богослужи на Гробот Господов и во храмот на Светото Воскресение, па дури му подготвуваа и потајно убиство, така што по желба на царот Мануил Преподобниот се врати во Цариград. Тука свети Леонтиј проживеа неколку години и по многу прекрасни и спасоносни чуда, кои Господ ги изврши по молитвите на Својот верен и добар слуга. Се упокои во мир во 1185 година, а неговите свети мошти ги положија во храмот на свети архангел Михаил. Неговиот свет спомен се празнува на 27 мај. Така се приброи праведникот кон Праведниците, преподобниот кон Преподобните, доброволниот маченик кон Мачениците и архиерејот кон Светителите оставајќи го споменот за својот свет живот како пример и утеха за сите што застанаа на тесниот пат што преку очистувањето од страстите води до Единствениот вистински Живот. Житието на свети Леонтиј Патријарх Ерусалмски на времето е составено од цариградскиот монах Теодосиј, а свети Никодим Светогорец го внесе ова житие во книгата наречена „Неон Еклогион“.