26/11/2024
Македонија

Свети Сава, архиепископ Српски

Припадниците на српската заедница во Република Македонија денес го одбележуваат празникот Свети Сава, архиепископ Српски.

Син на српскиот жупан Стефан Немања, се роди во 1169 година. Како млад жеднееше за духовен живот, заради што побегна на Света Гора, каде што се замонаши и со ретка ревност го мина сиот подвижнички раст. Немања тргна по примерот на синот, па и самиот дојде на Света Гора, се замонаши и умре како монах Симеон. Сава издејствува кај царот и кај патријархот независност за српската Црква и стана прв архиепископ српски. Заедно со татко му го подигнаа манастирот Хилендар, а потоа и многубројни манастири, цркви и училишта по српската земја. Двапати патуваше на поклонение во Светата Земја. Ги измируваше своите браќа раскарани околу власта, ги измируваше Србите со соседните народи. Се упокои во Трново, во времето на царот Асен, откако се разболе после литургијата на Богојавление, на 12 јануари 1236 година. Кралот Владислав му го пренесе телото во Милешево, од каде што Синан паша го зеде и го запали на Врачара во Белград, на 27 април 1595 година.