23/11/2024
Македонија

Свети Сава Осветен и Преподобен Нектариј Битолски

Денеска е Свети Сава Осветен и Преподобен Нектариј Битолски.

Свети Сава Осветен

Незначајното село Муталаск во Кападокија стана славно поради ова големо светило на Црквата. Овде Сава се роди од татко Јован и мајка Софија. Родителскиот дом го напушти кога имаше осум години и се замонаши во блиската обител наречена Флавијанова. После десет години премина во Палестинските манастири и таму најдолго се задржа во обителта на Светите Ефтимиј Велики (под 20 јануари) и Теоктист. Проѕорливиот Ефтимиј за него прорече дека ќе стане славен монах и наставник на монасите и дека ќе основа лавра поголема од сите лаври на сите времиња. По смртта на Св. Ефтимиј Сава се оддалечи во пустина, каде што во една пештера, којашто му ја покажа ангел Божји, помина како отшелник пет години. Потоа, кога стана совршен монах, по Божја Промисла околу него почнаа да се собираат многумина ревнители за духовниот живот. Набрзо се собраа во толкав број, што Сава мораше да гради и црква и многубројни келии. Дојдоа и некои Ерменци, на коишто тој им одреди пештера за во неа да служат на ерменски јазик. Кога умре татко му, кај него дојде неговата остарена мајка Софија, којашто тој ја замонаши и ѝ даде келија подалеку од неговиот манастир, па во неа таа се подвизуваше до крајот на животот. Овој Свет отец претрпе многу напасти од ближните, од еретиците и од демоните. Но тој сите ги победуваше, и тоа: блиските со благост и попустливост, еретиците со непоколебливо православно исповедање, а демоните со крсниот знак и повикувајќи Го на помош Бога. Особено голема борба имаше со демоните на гората Кастела, каде што го основа својот втор манастир. Тој и неговиот сосед Теодосиј Велики се сметани за најголеми светила и столбови на Православието на Исток. Тие ги исправаа царевите и патријарсите во верата, а на сите им служеа како пример на светителско смирение и на чудесната Божја сила. После трудољубивиот и многуплоден живот Св. Сава се упокои во 532 година, во деведесет и четвртата година од својот живот. Меѓу другото, тој го устрои манастирскиот типик на богослужење, којшто подоцна се рашири по целото Православие и стана познат како Ерусалимски устав.

Преподобен Нектариј Битолски

Родум од Битола. Се подвизуваше најпрво во манастирот Свети Врачи кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј. Потоа премина на Кареја, каде што го продолжи подвигот под раководство на Старците Филотеј и Дионисиј во келијата на Св. Архангели. Откако ги победи човечката завист, демонските напасти и тешките болести, се пресели во Царството Христово на 5 декември 1500 година. Неговите чудотворни мошти цели, нетлени и благоухани, почиваат во истата келија.

За многу години!