Светиот апостол и евангелист Јован
Денес е празник посветен на Светиот апостол и евангелист Јован и Света Емилија.
Светиот апостол и евангелист Јован
Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември. А на 8 мај се споменува чудото пројавено на неговиот гроб. Имено, кога Јован имаше повеќе од сто години, зеде седуммина од своите ученици, излезе од Ефес и им нареди на учениците да му ископаат гроб во вид на крст. Потоа старецот слезе жив во гробот и беше погребан. Кога подоцна верните го отворија Јовановиот гроб, не го најдоа телото во гробот. А на 8 мај секоја година се креваше некоја прашина од неговиот гроб, од која се исцелуваа болни од разни болести.
Света Емилија
Мајката на Свети Василиј Велики. Во младоста сакаше доживотно да остане девојка, но беше принудена на брак. Роди девет деца и толку ги вдахнови со дух Христов, што петмина од нив станаа христијански светители, и тоа: Василиј Велики, Григориј – епископ Ниски, Петар – епископ Севастиски, Макрина и Теозвија. На старост устрои манастир, во кој живееше со својата ќерка Макрина. Таму се упокои во Господ на 8 мај, 375 година.