Светиот апостол и евангелист Матеј
Светиот апостол и евангелист Матеј
Матеј беше син на Алфеј, најпрво цариник (т.е. закупец и порезник или митар) и како таков него го виде Господ во Капернаум и го повика: „Врви по Мене.“ И откако стана, тргна по Него (Матеј 9, 9). Потоа Матеј Му приреди дочек на Господ во својот дом и даде повод Господ да изрече неколку големи вистини за Своето доаѓање на земјата. Откако Го прими Светиот Дух, Св. Матеј го проповедаше Евангелието во Партија, во Мидија и во Етиопија, земјата црнечка. Во Етиопија го постави за епископ некој Платон, свој следбеник, а самиот се повлече во молитвена осама во гората каде што му се јави Господ. Ги крсти жената и синот на кнезот на таа земја, заради што кнезот се разгневи и испрати стража да го доведат Матеј пред него на суд. Војниците отидоа и се вратија кај кнезот говорејќи дека го слушнале гласот Матејев, но никако со очите не можеле да го видат Светиот апостол. Тогаш кнезот испрати друга стража. Кога и оваа стража му се приближи на апостолот, него го огреа небесна светлина толку силна, што војниците не можеа да гледаат во него, но исполнети со страв го фрлија оружјето и се вратија. Тогаш кнезот сам појде. Кога му се приближи на Св. Матеј, овој заблеска со таков блесок, што кнезот одеднаш ослепе. Но Светиот апостол имаше милостиво срце, Му се помоли на Бога и кнезот прогледа – за жал прогледа само со телесните очи, не и со духовните. Тој го фати Св. Матеј и го подложи на лути маки. Имено, на двапати ложеше голем оган на неговите гради. Но силата Господова го сочува жив и неповреден. Тогаш апостолот Му се помоли на Бога и Му го предаде својот дух. Кнезот нареди и телото на маченикот го положија во оловен ковчег, па го фрлија во морето. Светителот му се јави на епископот Платон и му кажа за своето тело и за сандакот каде се наоѓаат. Епископот отиде и го донесе ковчегот со телото на Св. апостол Матеј. Кога го виде ова ново чудо, кнезот се крсти и го прими името Матеј. Потоа овој кнез ја остави сета светска суета и прими презвитерски чин, па богоугодно ? послужи на Црквата. Кога умре Платон, му се јави на овој Матеј самиот апостол Матеј и го посоветува да го прими епископството. Тој беше многу години добар пастир, додека Господ не го повика во Своето бесмртно Царство. Светиот апостол Матеј го напиша Евангелието на еврејски јазик, коешто набрзо беше преведено на грчки и до нас дојде на грчки, додека она на еврејски се изгуби. За овој евангелист се вели дека никогаш не јадел месо, а се хранел со овошје и зеленчук.