22/11/2024
Македонија

Светиот апостол Вартоломеј

Еден од Дванаесеттемина големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил по с ? изгледа се две имиња за едно лице. Заедно со Светиот апостол Филип и со сестрата на Филип, девицата Маријам – а некое време и со Св. Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички. Овие Свети апостоли ја умртвија големата змија којашто незнабожците ја чуваа во храм во Ерапол и ја почитуваа како божество. Во истиот град му подарија вид на Стахиј, слеп четириесет години. Овде на нив се крена толпа народ и ги распнаа на крст Филип и Вартоломеј – Вартоломеј го распнаа со главата надолу. Тогаш затресе земјотрес во којшто загинаа злите судии и многумина од народот. Гледајќи во тоа казна Божја, мнозина притрчаа да ги симнат апостолите од крстовите, но Филип беше веќе издивнал, додека Вартоломеј с ? уште беше жив. Потоа отиде во Индија, каде што го проповедаше и на индиски јазик го преведе Евангелието на Матеј. По ова прејде во Ерменија, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Но братот на царот, Астијаг, завидливо го фати и го распна Божјиот апостол на крст. Потоа му ја одра кожата и најпосле му ја отсече главата во Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните го погребаа чесно во оловен ковчег. Бидејќи од неговите мошти стануваа многу чуда, незнабожците го зедоа ковчегот и го фрлија в море. А водата го донесе ковчегот до Липарските острови, каде што епископот Агатон, по откровение во сон, го дочека и го погреба во храмот. Свети Вартоломеј му се јави, облечен во бели ризи, на Св. Јован Песнопоец в црква и го благослови со Евангелието за да пее духовни песни: „Нека потечат од твојот јазик водите на небесната мудрост!“ Му се јави уште и на царот Анастасиј (491 г. – 518 г.) и му рече дека ќе му го чува новосоѕиданиот град Дари. Подоцна моштите на овој голем апостол беа пренесувани во Беневент, па во Рим. Од нив стануваа големи и страшни чуда.