15/11/2024
Македонија

Светиот маченик Фануриј

Денес е празник посветен на Светиот маченик Фануриј.

Кој бил и кога живеел овој светител не се знае. Многу се почитува на Родос и на Крит. Од нашите краишта во Прилеп и Битола. Во 1500 година им се јавил на некои на островот Родос и таму покажал чуда и исцеленија. Таму е пронајдена и една негова стара икона. На неа Фануриј е изобразен како млад војник, којшто во десната рака држи крст, а во левата запалена свеќа. Свети Фануриј многу се слави и во Мисир. Таму постои предание дека неговата мајка била голема и непоправлива грешничка. Но синовската љубов на Свети Фануриј кон неа била извонредна. Тој повеќе Му се молеше на Бога за спасението на својата мајка, одошто за своето. При неговото убиство, додека незнабожците го трупале со камења, светителот се молел: „Заради овие мои маки, помогни им Господи на сите што ќе се помолат за спасението на мојата грешна мајка.“ Во Мисир, а и кај нас, многумина така и се молат: „Спаси ја, Господи, грешната мајка на Свети Фануриј, а и мене, грешниот, помогни ми.“ И заради оваа молитва мнозина добиваат помош.

За многу години!