23/11/2024
Македонија

Светиот маченик Јулијан

Светиот маченик Јулијан

Во времето на царот Антонин Свети Јулијан премина од Далмација во Кампанија Италијанска. Беше млад и убав младич, со сета душа предаден на Господ. На патот го сретнаа царски војници кои одеа да ги фаќаат христијаните. „Мир вам, браќа!“, им се обрати Свети Јулијан. По ваквиот поздрав и по кротоста на неговото лице, војниците заклучија дека е хтристијанин. Кога го прашаа, Јулијан им одговори: „Христијанин сум, родум од Далмација“. Уште отворено им призна и дека патува со цел да ги обраќа идолопоклониците кон единствениот жив Бог. Војниците бездушно го натепаа и најпосле го фрлија во некој ров, каде што седум дена помина без каква и да е човечка храна. Но му се јави ангел Божји и му даваше небесна храна. Изведен на суд Јулијан остана во верата тврд како дијамант. Гледајќи ја неговата мажественост и непоколебливост во верата, триесет луѓе се обратија кон Господ Исус Христос. Осуден на смрт, Свети Јулијан клекна да вознесе молитва кон Бога, Кому Му благодареше за маченичкиот подвиг и Го помоли да ги милува оние што ќе го почитуваат неговиот спомен. Беше убиен со секира и така Му го предаде својот дух на Бога.