22/11/2024
Македонија

Светиот маченик Вацлав, крал чешки и Светиот маченик Марко овчар

Светиот маченик Вацлав, крал чешки
Внук на Света Људмила. Иако крал, се подвизуваше во верата слично на големите подвижници и го утврдуваше Православието кај својот народ. Строго внимаваше на суд да не пострада некој невин. Заради ревноста кон Христа и љубовта кон ближните Св. Вацлав купуваше незнабожечки деца од оние што беа продавани како робови и веднаш ги крштеваше и ги воспитуваше како христијани. Го преведе Евангелието по Јован на чешки јазик. Ги пренесе моштите на Свети Вит и на својата баба Света Људмила во Прага. Неговиот брат Болеслав го повика на гости и го уби на својот дворец. Веднаш потоа Болеслав почна да води Германци за свештеници и да воведува служба на латински јазик. Свети Вацлав пострада во 935 година. Моштите му почиваат во Прага.
Светиот маченик Марко овчар

Во времето на Диоклецијан некој Магн, антиохиски хегемон, појде со војниците во лов. Гонејќи некаква ѕверка војниците видоа дека ѕверката му прибегна кај овчарот Марко, којшто овде го чуваше своето стадо. И почна ѕверката да се умилкува околу Божјиот човек Марко. Кога го видоа тоа, триесеттемина војници поучени од Марко поверуваа во Христа. Хегемонот го врза овој човек, го одведе в град и ги повика тројцата браќа ковачи: Александар, Алфеј и Зосим, на кои им порача да направат мачителски справи за Марко. Но тие сите тројца позборуваа со Свети Марко и од него ја примија верата Христова, па му ја откажаа нарачката на хегемонот. Хегемонот ги осуди на смрт и нареди, па им ставаа во устата топено олово. А на Св. Марко потоа му беше отсечена главата и положена во храмот на Артемида, од што тој храм со Божја сила се сруши.