Светиот пророк Елисеј и Свети Методиј, патријарх Цариградски
Светиот пророк Елисеј
Живееше 900 години пред Христа. Кога Господ сакаше да го земе кај Себе престарениот Пророк Илија, му откри дека за наследник во пророчката служба му го одредил Елисеј, синот Сафатов, од племето Рувимово, од градот Авелмаул. Илија му ја кажа на Елисеј волјата Господова и го загрна со својата наметка и испроси од Бога двојна благодат за него. Елисеј веднаш си го остави домот и тргна по Илија. А кога Господ го зеде Илија на огнени кочии, Елисеј остана и ја продолжи пророчката служба со поголема сила и од онаа на Илија. Според чистотата и ревноста им беше рамен на најголемите Пророци, а според чудотворната сила што му ја даде Бог, ги надмина сите. Ја раздвои водата на Јордан како некогаш Мојсеј Црвеното Море; горчливата вода во Ерихон ја направи питка; низведе вода во ископаните ровови за време на војната со Моавците; умножи масло во лонците на бедната вдовица, го воскресна умрениот син на жената Сонамка, со дваесет лепчиња нахрани сто луѓе, го исцели од лепра војводата Нееман, низведе лепра на својот слуга Гиезиј заради неговото среброљубие, ослепи цела една војска сириска, а друга пак ја втурна во бегство, му претскажа многу настани на народот и на поединци. Се престави во длабока старост.
Свети Методиј, патријарх Цариградски
Родум од градот Сиракуза во Сицилија. Кога заврши со светското школување се замонаши и почна да се подвизува во манастир. Патријархот Никифор го зеде на служба кај себе. Во времето на иконоборечките цареви насекаде се прочу како одличен бранител на иконопочитувањето. Свирепиот цар Теофил го затвори за тоа на еден остров. Во затвор со двајца обични разбојници таму помина седум години во влага, без светлина и доволно храна, како во гроб. Во времето на благочестивата царица Теодора и нејзиниот син Михаил беше ослободен и избран за патријарх (сходно на едно претходно пророштво на Свети Јоаникиј Велики). Во првата недела од Чесниот Пост Методиј свечено ги внесе иконите в црква и напиша канон во чест на иконите. Не можејќи да му го најдат крајот никако, еретиците најмија една жена којашто изјави дека патријархот со неа има нечисти телесни односи. Сиот Цариград се возмути од таа клевета. Не знаејќи како поинаку да ја докаже својата невиност, патријархот прејде преку срамот и се слече гол пред судот којшто сам го побара и го покажа своето суво и истоштено тело. Судот очигледно се увери дека патријархот е наклеветен. Штом чу за ова народот се израдува, а се посрамија еретиците. Тогаш и онаа жена призна дека била наговорена и потплатена за да ја изнесе таа клевета против Божјиот светител. И така оние што мислеа да му нанесат срам на Методиј и не сакајќи му ја зголемија славата. Овој голем исповедник на верата мирно се упокои во 846 година и се пресели во Царството Божјо.