27/11/2024
Македонија

Светиот пророк Еремија

Светиот пророк Еремија e роден 600 години пред Христа, во селото Анатот, недалеку од Ерусалим.

Почна да пророкува во својата петнаесетта година, во времето на царот Јосија. Им пророкуваше за покајание на царот и на неговите големци, на лажните пророци и на свештениците и во времето на овој цар Јосија одвај си ја спаси главата од убиствените раце на огорчените големци. На царот Јоаким му прорече дека неговиот погреб ќе биде како погреб на магаре, т. е. мртов ќе биде исфрлен надвор од Ерусалим и телото долго ќе му се влечка по земјата непогребано. Заради ова Еремија беше фрлен во затвор. Бидејќи во затворот не можеше да пишува, го повика Варух, којшто застана покрај неговото затворско прозорче, а Пророкот почна да му диктира. Кога му го прочитаа ова пророштво на царот, тој гневен ја фрли хартијата во оган. Промислата Божја го спаси Еремија од затворот, а врз Јоаким се исполни зборот на Пророкот. На царот Јехониј пак, му прорече дека со целото семејство ќе биде одведен во Вавилон и дека ќе умре таму, коешто наскоро и се случи. Под царот Седекија Еремија си стави јарем на вратот и така одеше по градот Ерусалим, пророкувајќи го со тоа падот на Ерусалим и ропството под јаремот на Вавилонците. На еврејските робови во Вавилон им пишуваше да не се надеваат да се вратат во Ерусалим, зашто ќе останат во Вавилон седумдесет години – така и беше. Во долината Тотеф, под Ерусалим, каде што Евреите им принесуваа на идолите деца како жртви, Еремија зеде здрав лонец во рацете, го скрши пред народот, пророкувајќи ја брзата пропаст на Јудејското царство. Наскоро Вавилонците го зазедоа Ерусалим, го убија царот Седекија, го разорија и го ограбија градот, а огромен број Евреи беа заклани во долината Тотеф, на местото каде што Пророкот го искрши оној лонец. Еремија со левитите го зеде кивотот од храмот и го однесе на ридот Нават – каде што умре Мојсеј – и овде го скри во една пештера. Огнот од храмот пак, го скри во еден длабок бунар. Некои Евреи го принудија да оди со нив во Египет, каде поживеа четири години, а потоа беше од своите сонародници убиен со камења. На Мисирците им прорече дека идолите ќе им бидат разбиени и дека Дева со Младенецот ќе дојде во Мисир. Постои предание дека самиот цар Александар Велики го посетил гробот на Пророкот Еремија. На наредба од Александар телото на Еремија е пренесено и со почести погребано во Александрија. (Мисирците речиси го обожаваа Пророкот Еремија. Затоа и го погребаа како крал. Го сметаа за чудотворец и после смртта. Правот од неговиот гроб го земаа како лек против каснатици од змија. И ден денес мнозина христијани во молитва го повикуваат Пророкот Еремија против змии).