22/11/2024
Македонија

Светиот пророк Наум и Свети Филарет Милостив

Денес е празник посветен на Светиот пророк Наум И Свети Филарет Милостив.

Светиот пророк Наум

Родум од племето Симеоново, од местото Елкесем, од онаа страна на Јордан. Живееше 700 години пред Христа. Двесте години после Пророкот Јона ѝ ја прорече пропаста на Нинивија. Од пророштвото на Јона Нинивјаните се беа покајале, заради што Бог ги поштеди и не ги погуби. Но со време тие заборавија на милоста Божја и повторно се развратија. Пророкот Наум им прорече пропаст. Па бидејќи не принесоа покајание, не беа ни поштедени. Од земјотреси, поплави и оган пропадна сиот град, така што ни местото веќе не му се знаеше. Свети Наум поживеа четириесет и пет години и се упокои во Господ оставајќи ја малечката книга со неговите вистинити пророштва.

Свети Филарет Милостив

Од селото Амниј во Пафлагонија. Во почетокот Филарет беше мошне имотен човек, но делејќи им големи милостињи на сиромасите многу осиромаши. Тој пак, не се уплаши од сиромаштијата туку со надеж во Бога, Кој рече: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“, продолжи да твори милосрдие не обѕирајќи се на негодувањето на својата жена и на децата. Додека еднаш ораше на нива, му дојде еден човек и се пожали дека штотуку му цркнал волот во јаремот, а дека не би можел да ора со еден вол. Филарет испрегна еден вол од својот чифт и му го даде. Му го даде и својот последен коњ на некого што беше повикан да оди во војна со коњ. Го даде и телето на последната крава, а кога забележа дека кравата рика по раздвоеното теле, му довикна на човекот што го даруваше, па му ја даде и кравата. И остана престарениот Филарет без храна во празната куќа. Но тој Му се молеше на Бога и во Бога се надеваше. И Бог не го остави праведникот да биде посрамен во надежта своја. Во тоа време царуваше Ирина со својот млад син Константин. Според тогашниот обичај, царицата испрати луѓе по целото царство да ја бараат најдобрата и најугледната девојка со којашто би го оженила нејзиниот син цар. По Божја Промисла тие луѓе дојдоа на конак во куќата на Филарет, ја видоа неговата внука Марија, ќерката на неговата ќерка Ипатија, прекрасна и кротка, и ја одведоа во Цариград. Девојката му се допадна на царот и тој се венча со неа, а Филарет и целото негово семејство ги пресели во престолнината и им даде голема чест и богатство. Но Филарет не се погордеа со таквата ненадејна среќа, туку благодарен кон Бога, продолжи сега да врши добри дела уште повеќе од порано. И остана во тоа до смртта. Во својата девдесетта година ги викна децата да ги благослови и ги поучи да се држат за Бога и за законот Божји и со проѕорлив дух, како некогаш Јаков, му прорече на секого како ќе го проживее овој век. Потоа легна во манастирот Родолфија и Му ја предаде својата душа на Бога. Пред смртта лицето му заблеска како сонце, а по неговата смрт од него излезе необичен благоухан мирис и од неговите мошти се случија чуда. Овој Божји праведник се упокои во 797 година. Неговата сопруга Теозва, како и сите негови деца и внучиња, поживеаја богоугодно и се упокоија во Господа.