26/11/2024
Македонија

Светиот великомаченик Мина

Денес е празник посветен на Светиот великомаченик Мина.

По потекло Мисирец и војник по занимање Свети Мина, како вистински христијанин, не можеше да го гледа одвратното жртвопринесување на идолите, па ја напушти војската и градот и луѓето и сѐ и отиде во пуста планина. Бидејќи на Св. Мина му беше полесно да живее со дивите ѕверови одошто со незнабожните луѓе. Еден ден светителот го проѕре од далечина незнабожечкото празнување во градот Катуанија, па се спушти во градот и пред сите ја објави својата вера во живиот Бог Христос, а ги изобличи идолопоклонството и незнабоштвото како лага и мрак. Кнезот на тој град, некој Пирос, го запраша Свети Мина кој е тој и што е. Светителот му одговори: „Татковина ми е Мисир, името ми е Мина, бев офицер, но кога го видов идолопоклонството се одреков од вашите почести. Сега дојдов пред сите да Го објавам мојот Христос како вистинит Бог, за и Он мене да ме објави како Свој слуга во Царството Небесно“. Кога го слушна ова Пирос го подложи Свети Мина на големи маки. Го биеја, го стружеа со железни четки, го гореа со свеќи и го мачеа со разни други маки, па најпосле го убија со меч. Телото му го фрлија во оган за да не го земат христијаните, но тие сепак спасија од огнот некои делови. Овие остатоци ги погребаа чесно, а подоцна беа пренесени во Александрија и таму ги погребаа и над нив изградија црква. Св. Мина пострада околу 304 година и се пресели во Христовото Царство. Тој беше и остана голем чудотворец во двата животи, и на земјата и на небото. На секого којшто го слави Св. Мина и во неволја со вера го повикува на помош, тој и му помогнал. Повеќепати се јавуваше како војник на коњ, за да им помогне на верните или за да ги казни неверните.

За многу години!