23/11/2024
Македонија

Светите четириесет маченици во Севастија – Младенци

Светите славни и праведни четириесет маченици во Севастија се група на римски војници кои пострадаа за Бога во 320 години. Нивните имиња се: Кирион, Кандид, Домн, Исихиј, Ираклиј, Смарагд, Евноик, Валент, Вивијан, Клаудиј, Приск, Теодул, Ефтихиј, Јован, Ксантиј, Илијан, Сисиниј, Агиј, Аециј, Флавиј, Акакиј, Екдит, Лисимах, Александар, Илија, Горгониј, Теофил, Дометијан, Гај, Леонтиј, Атанасиј, Кирил, Сакердон, Николај, Валериј, Филоктимон, Северијан, Худион, Мелитон и Аглај.

Зикиниј – зет на Константин Велики, император на источната Римска империја, издал наредба за прогонување на христијаните. Тогаш во Ерменија, во градот Севастија, во римската војска во полкот на свирепиот војвода Агриколај, имало 40 војници од Кападокискиот крај. Сите тие биле млади, убави, јунаци во битките, со исти чин, мудри и набожни христијани. Но, Агриколај дознал за сите нив дека се христијани. Четириесетте маченици биле изведени на неправеден суд пред кнезот Лисиј и војводата Агриколај, а потоа и фрлени во затвор. Војниците им рекле на безбожните судии: “Што сакате правете со нас! Ние сме христијани и никогаш нема да се поклониме на идолите!” По наредба на војводата и кнезот, мачителите ги врзале светите маченици и ги фрлиле во ладното езеро. Било зимно време, страшен мраз, дувало и студен ветер, а тие со голи тела фрлени во езерото. Водата мрзнела околу телата на младите маченици. Мачителите загреале и осветлиле бања покрај езерото, за некој од нив да се откаже од Господ Исус Христос, а да ги признае идолите. Само еден од нив не можел да издржи, излегол од езерото и влегол во бањата со топла вода. Но, само што почуствувал топлина, веднаш “се растопи како восок… и падна мртов”. Ноќта во 9 часот ги осветлила од небото необична светлина, се растопил мразот, водата во езерото се загреала, а и телата на мачениците. Војниците стражари заспале, а само затвореничкиот стражар (по име Аглај) не спиел. Погледнувајќи кон нив, видел како светлоста ги осветлува, и подигнувајќи ги очите нагоре погледнал од каде доаѓа таа светлост, и забележил како 39 пресјајни венци се спуштаат од небото на главите на светите маченици. Веднаш ги разбудил стражарите, се соблекол и се фрлил во езерото громогласно викајќи: “И јас сум христијанин!”. И “на неговата глава слегнал последниот – четириесеттиот венец”. И еве, светите маченици на број пак станале четириесет. Утредента мачителите се изненадиле кога ги виделе живи и непремрзнати од студената вода и мразот. Злобните судии се разгневиле и наредиле мачителите да ги извлечат страдалниците на брегот и да ги одведат на мачилиште и таму, колената да им ги искршат, да им ги издробат коските на ситни парчиња.

Еве што се случило кога се вршело ова страшно мачење: побожната мајка на најмладиот маченик Мелитон стоела покрај брегот и ги храбрела мачениците јуначки да издржат. Нејзиното срце најмногу стравувало за својот син, како најмлад да не се исплаши од маките и да не се откаже од Бога. Подавајќи ги своите раце кон него, го храбрела говорејќи: “Не плаши се, чедо! Гледај, Христос пред тебе стои и ти помага!”. По наредба на мачителите, слугите ги ставиле телата на мачениците на кола и ги одвеле да ги изгорат. Младиот Мелитон го оставиле, не го зеле, мислејќи дека уште ќе живее. Но, храбрата мајка, гледајќи дека само нејзиниот син го оставиле, ја отфрли женската слабост, доби машка сила, го зеде синот на својот грб и смело одеше зад колата. Мелитон носен на грбот на својата мајка, со насмевка на устата, го испушти својот дух. Тогаш мајката со брзи чекори ја достигна колата со мачениците, и мртвото тело на својот син го стави над телата на неговите свети другари. Телата изгореле и останале само коските кои мачителите ги фрлиле во реката, за да не остане трага од нив. “Но, Господ ги чува сите коски на своите угодници” и не дозволи да пропадне од нив ни најситна честичка.

Св. маченици ги предале своите души на Господа, а последен бил најмладиот Мелитон. На третиот ден, светите маченици му се јавиле на епископот Петар да дојде ноќта и да ги извади моштите од водата. Епископот Петар заедно со својот клир, во темната ноќ, на површината на водата ги виделе коските кои светеле како ѕвезди, ги собрале сите коски, и најмалите, и чесно ги сохраниле. Дел од моштите биле празделени низ многу градови, и споменот и почитта за нив многу брзо се раширила, при што многу храмови биле издигнати во нивна чест.

За многу години!