28/11/2024
Македонија

Светите маченици Јулијан и Василиса

Светите маченици Јулијан и Василиса

Обајцата од благородни и богати родители. Венчани во брак, се заветуваа да живеат девствено како брат и сестра. Им го раздадоа сиот свој имот на сиромашните, а самите стапија во монаштво. Јулијан основа машки, а Василиса женски манастир. Јулијан имаше десет илјади монаси, а Василиса илјада монахињи. Кога настана лутото мачење на христијаните под Диоклецијан, Василиса Го молеше Бога нидена од нејзините монахињи да не се исплаши од маките и да не отстапи од православната вера. Господ ја услиши молитвата на Својата достојна слугинка и за шест месеци ги зеде кај Себе сите монахињи редум, па најпосле и нивната игуманија Василиса. Пред смртта Василиса имаше видение за своите сестри на оној свет: сите ѝ се јавија светли и радосни како ангели Божји и ја повикуваа својата духовна мајка да им дојде што побргу. Манастирот на Јулијан беше изгорен од мачителите, а самиот Јулијан го мачеа нечовечно и го убија во најтешки маки. Во маките го крепеше и бодреше Самиот Господ, па с ѐ издржа јуначки, ја одржа верата и го прослави името Господово. Заедно со Јулијан беа убиени: синот и жената на мачителот Маркијан; Келасиј и Марионил, кои кога го видоа трпењето на маченикот и самите се обратија во Христовата вера; дваесет римски војници; седуммина браќа од она место; презвитерот Антониј и некој Анастасиј, кого Јулијан за време на мачеништвото со молитва го воскресна од мртвите. Сите чесно пострадаа за Христа и станаа граѓани на небесното Царство околу 313 година.