23/11/2024
Македонија

Свето Благовештение – Благоец

Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. се смета за тежок празник, некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благоец, прв Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица и.т.н.

Поради тоа што Благоец е благ ден тогаш, се верува дека и раната не боли па на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Во Гевгелиско ушите ги дупеле рано наутро уште додека не јаделе за да не добијат краста…

Со Благоец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За кукавицата се вели дека и таа радувајќи се на овој благословен ден отворала уста и кукала, но никогаш не кукала пред Благоец како што пупал пупунецот.

Се верува дека ако наутро гладен, како што се вели на гладно срце, слушнеш некоја од овие птици, ќе те разбие и не ќе имаш напредок во текот на годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

Во Радовишко ако луѓето ја чуеле кукавицата откако нешто ќе каснеле сметале дека тие ја „пребиле“ па три пати ќе и викнеле: „Чух те пребих те”.

Во Дебрца ако некого го разбила кукавицата на Благоец тој и враќал на Ѓурѓовден кога ќе излезел пред сонце над селото и три пати ќе и викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“…

 

За многу години!

WebOhrid