Светскиот спектакл „Господар на танцот“ вечерва во Скопје, „Танец“ специјални гости
Вечерва во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје настапува светскиот музичко-сценски спектакл и врвна танчерска трупа „Госодарот на танцот“ (Lord of the Dance), која во Македонија се враќа по 10 години. Kако специјален гостин ќе се претстави и Националната установа за народни игри и песни – Ансамбл “Танец”, докажани амбасадори на македонскиот фолклор…
Едно од најдобрите танчерски шоуа на светот доаѓа со новиот спекткл „Опасни игри“ во кој преку ирскиот фолклор и енергичност, уиграност, врвна танчерска вештина и сценска екстраваганција, ќе ја поведе публиката во неверојатна авантура која раскажува за борбата помеѓу доброто и злото.
Во оваа прилика „Господарот на танцот“ ќе го претстави најдоброто од комбинацијата на музика и танц и ќе ја долови магичната приказна чии традиционални вредности се релевантни и во современиот контекст, а за тоа ќе придонесе и најсовремената технологија која ја збогатува сценографијата, со многу специјални и светлосни ефекти, видеопроекции, вкупно 34 извонредни танчери на сцена, како и врвни акробати од светски калибар.
Македонската публика со овој настап ќе има прилика да ја погледне музичко-танцовата претстава и спектакл кој уште од праизведбата во славната Вембли арена од 1998-ма година сѐ уште го држи светскиот рекорд од 21 во низа распродадени изведби.
Kако специјален гостин на овој ексклузивен настан, во организација на фестивалот „Таксират“ и „Пасворд продукција“, ќе се претстави и ансамблот „Танец“, светски докажаниот амбасадор на македонскиот фолклор, кој веќе шест децении претставува уникатен симбол на македонската култура и уметност.