СВР Охрид ќе ги зајакне мерките за заштита од пожари
Со цел поголема заштита од шумски и други пожари на отворен простор, СВР Охрид ќе ги зајакне мерките од превентивен но и од репресивен карактер за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простори од пожари. Во таа насока, вклучени се сите расположливи капацитети и опрема која наменски може да се користи за контрола, превентива и заштита на шумите од пожар, како и да одговори на потребите во случаи на локализирање на евентуално настанат пожар од поголем обем.
Во соработка со територијалната против-пожарна единица, ЦУК, ЈП „Национални Шуми“, Националните паркови, шумската и граничната полиција, АРСМ, органите на локалната самоуправа, Црвениот крст и другите надлежни субјекти и институции, ќе се следи состојбата на подрачјето и ќе се преземаат предвидени мерки за заштита но и навремено забележување и информирање за настанат пожар до сите останати релевантни субјекти за координирано преземање на натамошни мерки и навремено локализирање. Предвидени се плански патроли на отворен простор помеѓу полициските службеници и шумската полиција, со цел елиминирање на опасноста од предизвикување на пожар како и надзор во претпријатијата што стопанисуваат со шуми, пасишта и на одговорните лица на кои ќе им се укаже за потребата од зајакната контрола на терен за заштита од пожари и примена на законската регулатива. Предвидена е интензивна соработка со институциите и на регионално ниво за размена на информации во врска настанати пожари, организирање на дополнителна помош во опрема, техника, сили и средства со цел преземање на заеднички понатамошни мерки.
Посебен акцент е ставен на средби со советодавни групи на граѓани и локални совети за превенција, со приоритетна тема превентивно делување за заштита од пожари на отворен простор и практична реализација на концептот “Соработка помеѓу полицијата и заедницата” за интензивирање на мерки за превенција и заштита од пожари, јакнење на свеста за заштита од пожари и информирање на населението.
WebOhrid / 25.07.2022 / СВР Охрид