СВР Охрид со засилени патролни служби во текот на празничниот викенд
Според статистичките податоци на МВР, во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 170 прекршоци за неносење лична заштита на лицето (Охрид-90, Струга-46, Кичево-30, Дебар-04). Ним им се издадени прекршочни платни налози за сторен прекршок по член 6 став 1 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест Ковид 19. Воедно, полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле 19 контроли врз угостителски и други објекти со цел, доследна примена на безбедносно-хигиенските мерки за заштита од Ковид 19 но и почитување на одредбите од Законот за угостителство и другите законски одредби.
Во текот на празничниот викенд, СВР Охрид спроведе интензивни превентивни и други мерки со цел, зачувување на стабилната безбедносна состојба на подрачјето. Полициски службеници од СВР Охрид, но и од други полициски станици кои, деновиве се на испомош во Охрид, реализираа засилени патролни служби во централното градско подрачје, во периферните делови, по плажите и на паркинг просторите со цел, спречување на кражби на вредни предмети по крајбрежието или од паркирани автомобили.
За време на празничниот викенд во Охрид, евидентирани се две сообраќајни незгоди, во првата случена кај населбата „Лагадин“, едно лице се здоби со тешки телесни повреди, а во втората, случена на улицата „Ванчо Николески“ во Охрид, возачот на едно возило учесник, откако удрил во паркиран автомобил, го напуштил местото и избегал. За време на празничниот викенд, регистрирани се шест нарушувања на јавниот ред и мир. Истите се целосно расчистени, сторителите се приведени и поднесени се соодветни пријави. Во истиот период, приведени се и околу десетина лица од Скопје и од други градови поради пронајдена опојна дрога марихуана.
Инаку, во текот на јуни и јули 2020 година, во областа на јавниот ред и мир, во Охрид регистрирани се 34 прекршоци (јуни-24, јули-10) во кои, против 32 сторители, се поднесени 28 соодветни пријави.
Во областа на сообраќајот, во текот на јуни и јули 2020 година, во Охрид, регистрирани се вкупно 66 сообраќајни незгоди (јуни-30, јули-36) во кои, 41 лице (јуни-17, јули-24), се здобиле со лесни телесни повреди а 15 со тешки телесни повреди (јуни-07, јули-08). Притоа, значајно е што во двата месеца, нема сообраќајни незгоди со жртви.
СВР Охрид во координација и со другите институциии и денеска продолжува со интензивни мерки со цел санкционирање на оние кои не ги почитуваат законите.