СВР реализира едукативни работилници во неколку училишта во Охрид
Во периодот од 18 до 22 ноември 2024 година, Отсекот за превенција при СВР Охрид реализира повеќе едукативни работилници во неколку основни училишта на подрачјето на Охрид и одржа работна средба со Локалниот совет за превенција од детско престапништво.
Тема на едукативните предавања одржани пред околу стотина ученици од седмо и осмо одделение беше „булингот и сајбер булингот“, како облик на насилства и агресивно однесување помеѓу младите. Притоа, полициските службеници низ интерактивна комуникација со учениците, ги објаснуваа формите на овие асоцијални и девијантни појави кои, сериозно ја загрозуваат безбедноста на учениците со посебен акцент на начините за препознавање, избегнување, пријавување на истите, како и на законските овластувања на полициските службеници и казнените одредби за сторителите.
Во истиот период, полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид во соработка со Црвениот Крст-Охрид, со околу 400 ученици во средношколскиот центар „Св.Наум Охридски“ во Охрид, го спроведоа и превентивниот проект „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“.
Целта на превентивно-едукативната активност, е информирање на младите за штетноста по здравјето од користење наркотици, како и другите негативни влијанија кои го има дрогата врз развојот на младата личност.
WebOhrid / 23.11.2024 / СВР Охрид