21/11/2024
Охрид

Системска мастоцитоза

Systemic mastocytosis – Системска мастоцитоза

МКБ  D 47.02

Преваленца (распространетост): 1/10.000-20.000

Системска мастоцитоза е заболување на крвта кое зафаќа повеќе органи и системи. Болеста може да се јави во било кое животно доба, но најчесто по адолесцентниот период. Клинички знаци коишто асоцираат на системска мастоцитоза се преголем замор, топлина и црвенило на кожата, гадење, стомачна болка, кркорење на цревата, враќање на стомачната содржина во хранопроводот (гастроезофагеален рефлукс), затнат нос, краток здив, низок крвен притисок, главоболка. Можат да се регистрираат и проблеми со меморијата, анксиозност, како и депресија. Голем број на пациенти развиваат типични кожни промени кои се нарекуват уртикаријапигментоза (urticariapigmentosa), а изгледаат како кафеави дамки кои спаѓаат во кожни промени (наликуваат на неизмиена кожа или попрскана со кал). Половина од пациентите можат да имаат алергиски проблеми дури и појава на анафилактичен шок. Постојат 5 типови на системска мастоцитоза кои се разликуваат според тежината на знаците и симптомите. Најблагите форми имаат скоро неприметен тек. Индивидуите со оваа форма имаат само општи симптоми. Тоа е и најчеста форма на болеста. Кај благата форма можат да бидат зафатени повеќе органи и системи. Тешката форма вклучува:

-агресивна системска мастоцитоза;

-системска мастоцитоза асоцирана со хематолошка неоплазма;

-mast cell-леукемија. 

Оваа најтешка форма на болеста се карактеризира со скратен животен век, тешки општи симптоми и зафаќање на повеќе органи (слезина, црн дроб, лимфни јазли). Можна е појава на течност во стомачната празнина (асцитес). Кај агресивната системска мастоцитоза доаѓа до зафаќање на коските со појава на губиток на коскената маса и деминерализација и како последица на тоа се појавуваат фрактури (преломи на коската). Mast cell-леукемија е најретка форма на болеста, но најтешка.

Индивидуите со благи форми на болеста имаат нормален или скоро нормален животен век додека тие со тешките форми, преживуваат месеци или неколку години по поставување на дијагнозата. Се смета дека системската мастоцитоза се јавува кај 1 на      10.000-20.000 индивидуи. Системска мастоцитоза настанува кога белите крвни клетки  наречени mast cells кои се создаваат во коскената срцевина, почнуваат да се насобираат во едно или повеќе ткива. Во најголем број на случаи, акумулираните мастоцити имаат мутација во ген наречен KIT. Овој ген дава инструкции за создавање на протеин важен за активноста на овие клетки. KIТ-протеинот ги стимулира сигналните патишта кои се важни за раст и делба на многу клетки, вклучувајќи ги и мастоцитите. Кај системска мастоцитоза мутациите во KIT-генот се соматски што значи дека тие се стекнати во тек на животот. Овие мутации резултираат во KIT- протеин којшто е постојано активиран. Оваа хиерактивација на сигналниот пат води до зголемена продукција и активност на масоцитите.

Кај системската мастоцитоза, мастоцитите најчесто се акумулираат во коскената срцевина каде што се создаваат и крвните клетки. Мастоцитите можат да се насобираат и во другите ткива како што е гастроинтестиналниот тракт, лимфните јазли, слезината и црниот дроб. Кај тешките форми, оваа акумулација интерферира со нормална функција на органот. Во нормални услови мастоцитите го поттикнуваат воспалението во текот на алергиската реакција. Кога мастоцитите се активираат од факторите на средината, тие ослободуваат протеини (наречени медијатори) кои го сигнализираат имуниот одговор. Кај системската мастоцитоза, отстапувањето на мастоцитите води до поголемо ослободување на медијаторните протеини што го поттикнува имуниот одговор. Што е поттик за активирањето на мастоцитите?  Тоа се промени во температурата, фрикција (триење) на кожата, како и минимани трауми, хируршки интервенции, убоди од инсекти, вакцини, стрес. Некои лекови исто можат да ги активираат мастоцитите, како што се аспиринот, опијатите, нестероидни антиинфламаторни лекови. 

Мутациите во некои други гени можат да ја модифицираат тежината на болеста што резултира со поагресивна клиничка слика и пократко преживување. Овие гени примарно имаат улога во контролата на пролиферација на клетките или во регулирање на активноста на другите гени.

Како што веќе споменавме, оваа болест не е наследна, но настанува како резултат на мутација во клетките на телото по концепцијата (зачнувањето). 

Третман:

  1. Важно во третманот е да се контролираат симптомите кај пациентите. Треба да се избегнуваат сите фактори кои водат до ослободување на хистамин од мастоцитите. Тоа се екстремни температури, алкохол, емоционален стрес, убоди од инсекти и лекови, како што се нестероидни антиинфламаторни лекови. За олеснување на симптомите на болеста се користат следните лекови:
  • Антихистаминици – го намалуваат чешањето, црвенилото и другите кожни реакции;
  • Стероиди – со нив се намалува големината на кожните лезии;
  • Адреналин – пациентите ја носат инекцијата со адреналин во случај на анафилактична реакција и сами го администрираат (аутоинјектор);
  • Други лекови – за смирување на дијареата и стомачната болка;
  • Ултравиолетово зрачење – понекогаш експозиција на афицираната кожа на УВ- зрачење може да доведе до повлекување на овие лезии.
  1. Хирургија – за отстранување на кожните лезии (мастоцитоми).
  2. Таргетирана (целна) терапија – има за цел да блокира одредени гени, протеини и сигнални патишта кои водат до прилиферација и активација на мастоцитите. Се базира на претходно одредување на генетскиот профил на индивидуата. Таков тип на терапија се инхибиторите на тирозин-киназата. Лекови кои скоро се одобрени за употреба од американската Агенција за храна и лекови (FDA) се: dasatinib, midostaurin, imatinib, nilotinib.
  3. Трансплантација на хематопотски стем клетки.
  4. Хемотерапија за мастоцитоза асоцирани канцери.

Во секој случај, дијагностиката, третманот и следењето на пациентите со системска мастицитоза, бара мултидисциплинарен тимски пристап.

Ги запознаваме ретките болести: 28 дена во февруари со 28 ретки дијагнози