23/11/2024
Македонија

TAIEX работилница за унапредување на системот за идентификација и регистрација на свињи

Подигнување на јавната свест на одгледувачите на свињи за важноста од комплетна функционалност на системот за идентификација и регистрација на свињи преку почитување на законските и подзаконските акти кои ја уредуваат оваа материја се основа за негово и унапредување на оваа сточарска гранка, како база за креирање на идни политики кои Република Македонија ќе ја позиционираат од земја увозник, на земја извозник на свежо месо на европскиот и светскиот пазар. Исклучително важно е во овој систем да бидат интегрирани сите одгледувачи на овој тип животни, односно дури и оние кои одгледуваат само едно животно, за да може да се воспостави поголема контрола на болестите. ” Ова го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов во обраќањето на првиот ден од дводневната работилница ,,Унапредување на системот за идентификација и регистрација на животни од видот свињи“, која се одржува со финансиска поддршка од инструментот за предпристапна помош на Европската Комисија – TAIEX. На работилницата учествуваат претставници од Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните и официјални ветеринари од Агенцијата, како и претставници од ветеринарните друштва и од поголемите свињарски фарми.

Целта на работилницата е да се поддржи Агенцијата за храна и ветеринарство во процесот на унапредување на системот за идентификација и регистрација на свињите, и обезбедување на насоки и упатства за негово подобрување, преку идентификување на алатки за доследно собирање податоци за популацијата на свињи и нивното движење.

Фокус на работилницата ќе се стави на подигнување на јавната свест кај фармерите, особено на поголемите одгледувалишта на свињи за обврските кои ги имаат во системот за идентификација и регистрација, како и истакнување на важноста на овој систем во согласност со релевантното законодавство на Европската унија, особено на податоците кои се однесуваат на здравствениот статус на животните.

На првиот ден од работилницата презентирани беа основите на кои почива системот за идентификација и регистрација на свињите во Република Македонија, неговите особености и слабости на чие унапредување треба да се работи во иднина, а експерти од Словенија, Хрватска и Италија ги претставија законските основи на ваквиот систем во земјите членки на Европската унија, обврските кои ги имаат одгледувачите на свињи и сите вклучени чинители во системот на идентификација и регистрација на овој вид животни. Во презентациите акцент беше ставен на поврзаноста и значењето на здравствениот статус на животните и системот на идентификација и регистрација на свињите, од аспект на тоа кои податоци треба да бидат негов задолжителен дел.

Работилницата се организира како дел од мерките кои ги презема Република Македонија за целосно искоренување на Класичната чума кај свињите и прекинување на превентивната вакцинација против болеста, како услов за отворање за извоз на европскиот пазар и за свежо свинско месо. На утрешната сесија презентирани ќе бидат основите за ажурирање на фармските регистри и европските искуства во вршењето на инспекциксите контроли .