„Таинство на богомилите“ под шифра „Пролог“- најдобра поема за 2019 година
Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ што НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид ја доделува за најдобра поема во ракопис во 2019 година, во состав: Маја Јакимовска-Тошиќ (претседател), Агим Пољоска (член) и Долорес Атанасова (член), на својот заеднички состанок одржан на 13.12.2019 година едногласно ја донесе Oдлуката за избор на најдобра поема за 2019 година, при што како највисоко рангиран го посочи ракописот „Таинство на богомилите“ под шифра „Пролог“.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
„Таинство на богомилите“, шифра „Пролог“ гради психолошки задлабочено проектирани поетски портрети на неколку ликови, носители на тематските и мотивски целини на поемата: Зографот Стефан, Антим, Китан Даскалот, Дамјан Билкарот, Игуменот, веродостојно пронижани во манастирски амбиент. Содржиски и структурно се работи за целина која достигнува цврсто интегративно рамниште, чии дејствителни сегменти се поделени во неколку симболичко-сематички минијатури: Пролог, Глогов корен, Проповед за совршените, Крилја и корени, Иконата завет, Застрашување на сведоците, Беседа на Зографот, Кријла на Зографот, Седмиот премаз, Одлепување на кријлата, Орелскиот печат, Под Оплакувањето, Гостин што доцни, На Заслуг, Троеручица, Денот Вознес, Ново небо, кои во себе носат длабок печат на онтолошка загадочност и на ликовна симболика. Во поемата доминираат слики и симболи, во кои онтолошката врска меѓу сликата (иконата) и архетипот (возвишеното), се проектираат како основа на загатнатите догми на православната теологија (Симбол на верата, Логосот, молитвата, крстот, Успението, иконопочитувањето), но и како темел на дијалогизмот од семиотички аспект што го овозможува сфаќањето за иконата како јазик и како сликовен знак. Во поемата се согледува суптилноста на авторот/ката во разоткривање на тематските целини, кои умешно комуницираат со традицијата, со изворите на словенската писменост, со релацијата догматско-еретично, со чудото и чудесното. Истовремено иако се работи за проекција на историско време, со сите предизвици и дилеми на еден впишан строг догматско-теолошки „вјерују“, искушенијата и искушувањата, проклетствата и прогонствата, во неа ги препознаваме универзалните димензии на човековата потрага по ангелското и возишеното, по истрајноста во верата на патот кон вистината и светлината, кон „новото небо“. Исказот е лирски сугестивен и хармоничен, напати спокоен и мирен, но и згуснато сензитивен, метафоричен, со посредство на кој се гради дејствие во навидум спокоен ôд, но истовремено пронижан со интензивната динамика на случувањата. Со посредство на исказот во кој умешно се редат зборовите во стиховните монолози и дијалози, истовремено се редат и сликите-симболи, поврани со знакот во средновековната култура, кој алудира и на разбирање „без збор“, асоцирајќи на самата слика/икона како текст и јазик. Авторот/ката со именувањето на поемата „Таинство на богомилите“ со примената на филозофско-онтолошките и антрополошко-семиотичките пристапи, ни овозможува поетско разоткривање на светот, на бивствувањето, битието, вербата.
Членови на Жири-комисијата:
1.Маја ЈакимовскаТошиќ (претседател)
2.Агим Пољоска (член)
3.Долорес Атанасова (член)