27/11/2024
Охрид

Танески: Има безброј причини човек да биде фасциниран од култните Pink Floyd

Она што секогаш ме фасцинирало во музиката на Pink Floyd е тоа што секое ново слушање на една иста песна во неа одново и одново откриваш нови слоеви, откриваш нова димензија, нови звуци и подзвуци, вели Ѓоко Танески, еден од носителите на проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd, чија премиера е закажана за вечерва во Охрид.

– Ме фасцинира и пеењето на David Gilmour, кое не е едноставно. Всушност има безброј причини човек да биде фасциниран од култните Pink Floyd и секако дека да се пренесат емоциите кои се кријат во нивната музика за мене претставува голем предизвик во кариерата. Кога нашиот гитарист Анатоли Арнаудоски ни ја претстави идејата за NUMB – Tribute to Pink Floyd, буквално ја зграбив можноста да бидам дел од еден ваков исклучително квалитетен настан. Улогата на вокалист на еден ваков голем проект ја прифатив со огромно задоволство, се разбира дека е и голем товар, но истоверено и огромно уживање да се биде дел од тоа. За мене секогаш е предизвик да настапувам на големи сцени и во својата кариера сум имал можност да бидем дел од многу такви настани. Верувам дека ова е само почеток на ваков формат на концерти и дека нашата „школа“ и нашиот ентузијазам ќе го следат и други музичари, вели Танески.

Изминативе 7-8 месеци екипата напорно вежбаше за да стигне до вечерашното финале кое, според Танески, мора да звучи совршено.

Максимално сме посветени на самиот проект. Екипата ни е прекрасна и како музичари станува збор за исклучително квалитетна екипа, но и како луѓе делиме прекрасна енергија. Зад проектот стои екипа од 11 членови со кои изминативе месеци напорно работевме и го подготвувавме материјалот, кој е составен од некои од највредните дела на култните Pink Floyd. Тука се „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 безвременски хитови, кои го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација. Премиерата е вчерва на сцената Долни сарај со почеток во 22:22 часот. Танески ги пее вокалите, Анатоли Aрнаудоски (гитара), Димитри Алчев (гитара и вокал), Владимир Кречоски (бас гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Никола Јосифоски (сајзери), Горан Папаз (саксофон), Ана Костадиновска (пратечки вокал), Сара Николовска (пратечки вокал), Весна Илиќ Павловска (пратечки вокал), додава Танески.

Концертот ќе започне симболично во 22:22 часот, а сите заинтересирани можат да купат билети и на врата.