ТАВ: Македонските аеродроми со нови рекорди – 2,5 милиони патници од јануари до ноември
Додека воздушниот сообраќај во остатокот од Европа забави во четвртиот квартал, со двоцифрен пораст од 23% на патничкиот сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид и значителен пораст од 240% само на охридскиот аеродром остварен надвор од летната сезона, ноември е неверојатно успешен месец за ТАВ Македонија, покажувајќи позитивна промена во навиките на патниците.
Двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, достигнаа нови рекорди – 2,5 милиони (2.480.767) патници во периодот од јануари до ноември 2019 година, што претставува годишен пораст од 14%, додека само охридскиот аеродром бележи значителен пораст од 240% на патничкиот сообраќај во ноември, што е неверојатен резултат постигнат надвор од летната сезона, информираат од ТАВ Македонија.
Во истиот овој временски период од 11 месеци, вкупниот број на воздухопловни операции е зголемен за 10%, достигнувајќи вкупно 20.215 летови на двата аеродрома, скопскиот и охридскиот.
– Заедно со двоцифрениот пораст на бројот на патници остварен во 11-те месеци од 2019 година, ноември е уште еден рекорден месец за аеродромите во Скопје и Охрид, особено за охридскиот аеродром, кој дури и надвор од сезоната оствари значителен пораст од 239,5% на патничкиот сообраќај споредено со месец ноември во 2018 година. Овие силни резултати се постигнати поради новите редовни авиолинии што беа отворени во 2019 година. За разлика од другите години, кога со почетокот на зимскиот распоред на летање обично темпото на воздушниот сообраќај забавува, оваа година доживеавме поинаков тренд – во ноември забележавме пораст од 23% на бројот на патници на двата аеродрома (188.474 патници), во споредба со ноември во 2018 година кога имавме 153.271 патници. Ова е значаен индикатор што ја покажува позитивната промена на навиките на патниците, нешто што го постигнавме низ годините, благодарение на зголемениот број дестинации што се нудат од Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид – изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Разгледувани одделно, Меѓународниот Аеродром Скопје има 2,2 милиона патници од јануари до ноември 2019 година (2.183.897) со годишен раст од 9,3%, и 17.746 летови, со годишен пораст од 5,3%. Бројот на патници на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првите 11 месеци од 2019 година се зголеми за значајни 70%, односно 296.870 патници, кои беа превезени со 2.469 летови (66,7% годишен раст).
Покрај континуираниот пораст на бројките на патнички сообраќај на скопскиот и охридскиот аеродром, македонскиот воздухопловен пазар е забележан како еден од најбрзорастечките пазари кои не се членки на ЕУ во најновиот извештај за воздушен сообраќај на Меѓународниот совет на аеродроми Европа (Airports Council International Europe – ACI), кој забележа годишен пораст од 16,5% во септември 2019 година на аеродромите во Скопје и Охрид, ставајќи ги на листата (во иста група) со растечките пазари на Украина (28,8%), Ерменија (18,7%), Албанија и Србија (13,7%). Во истиот извештај на ACI, охридскиот аеродром со 53,8% пораст на патничкиот сообраќај во третиот квартал од 2019 година, е рангиран меѓу најбрзорастечките аеродроми во групата според неговата големина, заедно со Таргу Мурес (113,5%), Турку ( 52,9%), Харков (42,1%) и Ниш (39,9%).
– Во ситуација кога патничкиот сообраќај низ европските аеродроми застана на 2,2% во септември 2019 година, забавувајќи од август 2019 година кога беше 3,4%, со извонредните ноемвриски бројки во однос на патничкиот сообраќај ТАВ дополнително го забрза двоцифрениот пораст на двата македонски аеродрома, што се одржува во текот на целата година. Среќни сме со овие резултати и ќе продолжиме да ја прошируваме мрежата на авиолинии на аеродромите во Скопје и Охрид и да ги подобруваме нашите услуги – заклучи Ерсој.
Во 2019 година ТАВ додаде 4 нови дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје и 8 нови дестинации од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Во моментов скопскиот аеродром опслужува 44 дестинации, на кои сообраќаат 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром опслужува 22 дестинации, од кои 7 се редовни авиолинии, на кои исто така сообраќаат 13 авиокомпании.
Покрај напорната работа за развој на македонскиот воздухопловен пазар, ТАВ Македонија како компанија е активна и во сферата на корпоративната општествена одговорност, обезбедувајќи поддршка на локалните заедници.
Според корпоративните вредности на ТАВ Аеродроми, групацијата поддржува проекти насочени кон зајакнување на позициите на децата и жените во општеството, проекти во делот на образованието, спортот, културата, како и проекти кои им помагаат на ранливите категории граѓани. Така, во 2019 година ТАВ Македонија поддржа многу настани и проекти, а дел од нив се: Школа за млади лидери; Стипендии за студенти преку здружението MATTO; Здружение за заштита на правата на децата; Младински кампови YMCA; Здружение за деца со попреченост „Имаго плус“; Младинска танцова манифестација Dance off; реновирање на спортската сала на училиштето „Мустафа Кемал Ататурк“; реновирање на тоалети во детската градинка „Цвет“; донација на книги во библиотеката на Општина Илинден; спортскиот настан Охрид трчаТ и други.