Телеграми со сочувство по повод прераната смрт на градоначалникот на Охрид Стојаноски
По повод прераната смрт на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, до неговото семејство и до Општина Охрид, постојано пристигнуваат телеграми со сочувство, од државниот врв, политичките партии, од академскта заедница и меѓународните претставници во Република Македонија и бројни граѓани и пријатели.
Телеграма со сочуство од Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов за смртта на градоначалникот проф. д-р Јован Стојаноски
Почитувани,
Со голема тага ја примив веста за ненадејната смрт на вашиот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски. Иако не постојат зборови кои можат да ја надоместат загубата дозволете во овие тажни мигови да изразам најискрено и најдлабоко сочувство до неговото семејство, до жителите на општина Охрид и до цела македонска јавност. Со прераната смрт на Јован Стојаноски Охрид и Република Македонија загубија посветен градоначалник и голем професионалец, ревносен професор, но и благороден човек. Иако беше само нешто повеќе од година дена, градоначалник на Охрид, со својата работа успеа да остави трага како достоен градски татко на македонскиот Ерусалим.
Имав можност да соработувам со проф. д-р Стојаноски за време на прославата на 1000 години Охридска Архиепископија и да се уверам во неговата посветеност и љубов кон неговиот Охрид и желбата за напредок и развој. Во овие тешки времиња ретко се наоѓаат луѓе со принципиелност, доследност и почит кон другите. Верувам дека Стојаноски ги поседуваше сите овие особини за што сведочат неговите студенти, соработници во општината и неговите сограѓани.
Нека почива во мир.
Телеграма со сочувство од Претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери за смртта на охридскиот градоначалник Стојаноски
– Дозволете ми од мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Македонија да изразам искрено и длабоко сочувство до вас, неговото најблиско семејство, до пријателите, соработниците во општина Охрид, колегите и студентите од Факултетот за туризам и угостителство, до сопартијците и граѓаните на град Охрид. Заминувањето од овој свет на човек со таков интелектуален капацитет, висок професионалец во секоја сфера во која даде свој придонес, човек во полна смисла на зборот, одговорен татко и заштитник на градот, е тажна и болна загуба за граѓаните на градот Охрид, за сите што некогаш споделиле само миг или споделиле цел живот со него, меѓутоа е и огромна загуба за нашето општество. Почивај во мир почитуван!, наведува Џафери.
Премиерот Зоран Заев упати телеграма со сочувство за смртта на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, до неговото семејство, најблиските и пријателите.
Во телеграмата, премиерот Заев пишува дека смртта на проф. д-р Јован Стојаноски, е огромна загуба за академската заедница, за Охрид, локалната заедница и за партијата СДСМ, за кои низ годините даде огромен придонес со своето посветено работење.
„Јован беше колега, пријател и голем професионалец посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска, културна и туристичка престолнина.Знам дека не постојат зборови на утеха кои можат да ја намалат вашата загуба, но дозволете заедно да ги споделиме чувствата на тага за загубата на вашето семејство“, пишува премиерот во телеграмата со сочувство.
Сочуство од францускиот амбасадор Кристиан Тимоние (pdf)
Таравари упати телеграма со сочувство до семејството на градоначалникот Стојаноски
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, упати телеграма со сочуство до семејството и пријателите на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски,.
“Со жалење ја примив веста за прераната смрт на професорот Јован Стојаноски, градоначалник на општина Охрид.
Од мое лично име и од името на моите соработници, упатувам искрено жалење и длабоко сочувство до сите членови на неговото семејство и неговите пријатели.
Нека почива во мир.“, пишува градоначалникот Таравари во телеграмата.
Телеграма со сочуство од МАНУ
Ужалено семејство на проф. д-р Јован Стојаноски
Длабоко не потресе веста за заминувањето на Вашиот Јован.
Беше наш драг пријател и соработник.
Ве молам да ги примите изразите на нашето искрено сочувство.
Претседател на МАНУ
акад. Таки Фити
Телеграма од генералниот секретар на СДСМ до семејството на градоначалникот на Охрид
Генералниот секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Александар Кирацовски упати телеграма со сочувство до семејството и пријателите на градоначалникот на Охрид, професор доктор Јован Стојаноски.
„Изразувам искрено жалење и сочувство за прераната загуба на Јован Стојаноски, татко, сопруг, пријател, професор и врвен професионалец, поради што загубата не е само на семејството и пријателите, туку и на Охрид и на Република Македонија.
Македонија и Охрид денеска загубија врвен професионалец и одговорен градоначалинк.Во овие тешки моменти на голема болка и тага, се надевам дека ќе најдете сила за утеха во значајноста на делото што зад себе го остави Јован Стојаноски, како во науката, така и во дострелите во раководењето со општина Охрид.
Нека делата што ги остави зад себе бидат водилка за сегашните и идните генерации преку својата работа да создаваат успеси и да ја градат сопствената, но и иднината на Охрид и на Република Македонија“, се вели во телеграмата.
ОК ВМРО ДПМНЕ: Стојаноски заминува прерано од животот на своите најблиски, но и од животот на нашиот град
Со огромно жалење и неверување ја примивме трагичната вест за смртта на градоначалникот на Охрид, г. Јован Стојаноски.
Смртта со нејзината немилосрдна конечност е вест која секогаш нѐ остава неми и понизни пред силите кои го движат светот, а се над нашата моќ дури и да ги разбереме, а камо ли да влијаеме на нив. Најтрагична од сите пак е веста за конечно завршување на животот на млад човек кој сѐ уште има долг пат да оди и уште многу да му даде на светот.
Господинот Стојаноски заминува прерано од животот на своите најблиски, но заминува прерано и од животот на нашиот град кој пред само една година го назначи за свој прв човек, за татко на градот.
Нашиот политички натпревар со г. Стојаноски траеше повеќе години претходно пред да стане градоначалник. Тој беше член на Советот на општина Охрид во тек на еден мандат. За тој период во кој имаше бројни дебати за важни прашања во кои имавме различни ставови, ние сепак успеавме да изградиме завидно меѓусебно почитување и разбирање. Тоа се рефлектираше и на предизборната кампања која го задржа потребното ниво на политичка култура пред сѐ заради мирниот и неконфликтен карактер на кандидатите. Почитувањето се задржа и во целата една година додека ја извршуваше функцијата градоначалник како конструктивен политичар.
Остануваат прекратени бројните планови кои треба да го движат овој град кон подобро утре. Остануваат со сигурност прекратени и бројни лични цели неповрзани со политиката. Нам ни останува огромното жалење за прерано завршениот живот на нашиот, пријател, сограѓанин и градоначалник.
Изразуваме искрено сочувство на семејството, пријателите, колегите од Факултетот за туризам и угостителство како и на сите граѓани на Охрид.
Нека почива во мир и нека му е вечна слава!
ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид
Југозападен плански регион: Со прераната смрт на Јован Стојаноски изгубивме значајна личност
Беше непосреден, и секогаш подготвен да придонесе да се изгради подобра слика за Регионот, преку креирање на идеи и иницијативи за нови партнерства, со цел да се остварат општествено корисни резултати.
Се простуваме со нашиот Јован само неколку дена по свеченото пуштање на пешачката патека во стариот дел на Охрид и реконструираната детска градинка Развигорче, при што искрено и простодушно, изразуваше задоволство од сработеното. Се простуваме од несебично активниот член на Советот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, каков што беше Јован Стојаноски, кој со тимот на Центарот за развој, градеше стратегии, разменуваше идеи и трасираше нови проекти за добробит на граѓаните на Охрид и Регионот.
Совет за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион.
Телеграма со сочуство од поранешниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачевски,
„Го познавав Јован уште од детство. Ги делевме школските клупи во исто основно и средно училиште. Бевме и комшии и долгогодишни пријатели. Го дочекав во градоначалничкиот кабинет при примопредавањето на функцијата. Имавме мошне срдечен разговор. Си спомнавме за многу моменти од детството и младоста. Му посакав успешен градоначалнички мандат. И беше успешен. И беше впечатлив. За жал на сите нас, заврши пребрзо . Но беше успешен и во својата професија како професор , а и како советник во градскиот совет. Својата одмереност, ненаметливост и внимателнист ја споделуваше и пренесуваше на охриѓани како универзална човекова вредност. Негуваше исклучително високо ниво на политичка култура и традиционални општествени вредности. Охрид и охриѓани изгубија многу повеќе од добар, коректен и успешен човек.
Почивај во мир мој пријателе.
Твоите дела ќе траат вечно.
ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид: Јован Стојаноски беше редок пример на политичар со чувство за јавниот интерес
Прераната смрт на почитуваниот градоначалник на Општина Охрид, проф. Д-р Јован Стојаноски, длабоко ја погоди медиумската заедница во градот. Во име на Здруженито на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид, изразуваме длабоко жалење и сочувство кон семејството на градоначалникот Јован Стојаноски, неговите најблиски и соработниците.
Како професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Стојаноски имаше исклучително коректен однос кон медиумите, кој продолжи и потоа кога тој активно се вклучи во политичкиот живот на градот. Секогаш отворен, искрен и непосреден, градоначалникот Јован Стојаноски без исклучок ги почитуваше потребите на новинарите за информација, што е редок пример за професионализам и култура на однесување на избран функционер и политичар, со чувство за јавниот интерес и потребата од точно и одговорно информирање на граѓаните преку отвореност кон медиумите.
Здружение на новинари на РМ – Регионана канцеларија Охрид
Претседател: Горан Момироски
НУ Театар Комедија Скопје
Со неверување ја примив веста за смртта на Градоначалникот на Општина Охрид Проф. д-р Јован Стојановски.
Изразувам искрено сочуство за прераната загуба до сите Вас и до семејството.
Со почит,
В.Д. Директор на НУ Театар Комедија Скопје
Сашо Ристовски
Здружение за еднаква застапеност на лица со посебни потреби
Во име на Здружение за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите СОС БАЛКАНМЕДИА-Охрид дозволете на Вас да ви изразам Изискрено жалење и сочувство за прераната загуба на Јован Стојаноски, татко, сопруг, пријател, професор Хуманист и врвен професионалец, поради што загубата не е само на семејството и пријателите, туку и на сите нас од Охрид и на цела Република Македонија.
Македонија и Охрид загубија преголем хуманист , врвен професионалец и одговорен градоначалинк, но и човек со чист образ и голема чиста душа .Во овие тешки моменти на голема болка и тага, се надевам дека ќе најдете сила за утеха во значајноста на делото што зад себе го остави како наш завет Јован Стојаноски, како во науката, така и во дострелите во раководењето со општина Охрид, со посебна грижа за најранливата категорија на граѓани.
Нека делата што ги остави зад себе бидат водилка за сегашните и идните генерации преку својата работа да создаваат успеси и да ја градат сопствената, но и иднината на Охрид и на Република Македонија..Нека неговите дела , неговата посветеност во решавањето на големите потреби за лицата со телесен хендикеп,нашата заедничка борба да создадеме една општина за сите граѓани, остане аманет на идните поколенија.Заедно направивме 10- тици хумани акции, усреќи семејства ,имавме големи хуманитарни планови.
Ние се гордееме што имавме можност ,заедно со Јовче да донесиме насмевка на многу лица,имаше визија ,безбројни идеи за резрешување на бројни наталожени децениски проблеми.
Почивај во Мир ,драг наш пријателе .ТВОИТЕ ДЕЛА ЌЕ ОСТАНАТ ВЕЧНО ВРЕЖАНИ ВО АНАЛИТЕ НА ИСТОРИЈАТА НА ХУМАНИЗМОТ.
Сашо Денесовски-Претседател
Frieder Weinhold
Dear friends,
With dismay and unspeakable sadness we heard of the unexpected death of our highly estimated partner and friend Dr. Jovan Stojanoski.
We are offering our condolences to his family as well as to the entire community of Ohrid.
We`ve lost a strong partner in building cultural bridges between Macedonia and Germany. His attentive and respectful cooperation has enriched us tremendously.
We are mourning for a friend whose charisma has always impressed us deeply.
We`ll keep Dr. Jovan Stojanoski in the most honourable remembrance.
Frieder Weinhold, Chairman
Dr. Michael Wetzel
Адора инженеринг
Семејство на проф. д-р Јован Стојаноски,
Секретар на Општина Охрид, м-р Игор Бежоски,
Совет на Општина Охрид,
Вработени во Општина Охрид,
Во овие мигови на огромна загуба, тага, болка и неверување за прераното заминување на проф. д-р Јован Стојаноски, Градоначалник на Општина Охрид, од мое име, од име на моето семејство и од име на компанијата Адора инженеринг, дозволете ми да изразам длабоко сочувство до сите Вас, до неговото семејство, соработниците, блиските, пријателите и граѓаните на Охрид. Ненадејната смрт на Градоначалникот Стојаноски претставува огромна загуба за Општина Охрид, за локалната заедница, за охриѓани, за академската заедница, за Факултетот за туризам и угостителство, колегите и студентите и за сите со кои тој посветено ја споделуваше неговата професионална работа и големиот интелектуален капацитет во заложбите за остварување на неговата визија Охрид да биде вистинска европска, туристична и културна престолнина.
Уште еднаш, примете го моето големо жалење, тага и сочувство за големата загуба на Охрид и Македонија со прераната смрт на проф. д-р Јован Стојаноски, Градиначалник на Општина Охрид.
Нека почива во мир. СЛАВА МУ!
Проф. д-р Ванчо Чифлиганец
Ген. дир. на Адора инженеринг
Со семејството и тимот на компанијата