Тевдовски: Кредитната агенција Фич после 13 години го зголеми рејтингот на земјата
Aгенцијата „Фич” го зголеми кредитниот рејтинг на Северна Македонија од ББ на ББ+, со стабилен изглед. Ова е прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја после 13 години, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција.
Тој додаде дека кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во една земја, и е еден од клучните индикатори кои ги земаат предвид потенцијалните инвеститори при носење на нивните одлуки.
– Ова исклучително достигнување ќе влијае на сите инвеститори кои размислуваат за инвестирање во регионот. Подобрениот кредитен рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати – со други зборови, подобар животен стандард за граѓаните. Подобрениот кредитен рејтинг исто така ги намалува и трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите – рече Тевдовски.
Во извештајот Фич наведува дека подобрените стандарди на владеење ја поддржуваат имплементацијата на реформите и ја зголемуваат довербата дека земјата нема да се врати на политичката парализа меѓу 2014 и 2017. Фич нотира и дека ова влијаело за понатамошен напредок кон членство во НАТО и кон отворање на преговорите за членство со Европската Унија, што пак ја поддржува довербата на инвеститорите и делува како сидро за реформи и макроекономска стабилност. Исто така се коментира и извештајот на Европската комисија со препорака за почнување на преговори како одраз на напредокот на реформите во клучните полиња како владеење на правото, правосудство и јавна администрација.
– Овој исклучителен резултат е многу значаен и за Министерството за финансии, како главна национална институција одговорна за односите со кредитните рејтинг агенции. Притоа, токму како што сме комуницирале во претходните неколку месеци, и Фич забележува дека подобрената политичка ситуација и напредокот на реформите се основа за поцврсто економско закрепнување – рече Тевдовски.
Советникот на министерот за финансии Рилинд Кабаши рече дека Фич има слични проекции за економскиот раст со оние на Министерството за финансии за оваа и следната година, како и дека основата на растот е широка, со закрепнување на домашните инвестиции и континуиран раст на личната потрошувачка.
Проекциите за дефицитот на Фич исто така се покопуваат со планот на Министерството за финансии, како и проекциите за државниот долг.
– Се нотира дека преземените мерки како пензиската реформа, подоброто таргетирање на социјалната помош и прогресивното оданочување придонесуваат врз намалување на дефицитот. Позитивно се оценети преземените мерки за подобро управување со јавните финансии, особено повисоката буџетска транспарентност и воведувањето на фискално правило за општините. – рече Кабаши.
Фич нотира дека рејтингот ББ+ е поддржан од историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика, како основа на долготрајниот фиксен девизен курс, како и подобрите индикатори за владеењето и човечкиот развој отколку споредливата група на други слични земји. Понатаму, позитивната бизнис клима според извештајот на Светска банка за Doing Business е значително подобар од споредливата група на други слични земји, и поддржува динамични перформанси кај извозот и солиден прилив на странски директни инвестиции. Во извештајот исто така се коментираат и силниот раст на извозот, растот на платите, стабилните девизни резерви како и банкарскиот сектор, кој е релативно добро капитализиран, ликвиден и профитабилен.