26/11/2024
Македонија

Тевдовски: Со 360 милиони денари Владата ќе поддржи раст на платите во трудоинтензивните дејности

Министерот Тевдовски најави дека во Буџетот има над 360 милиони денари предвидени за раст на платите во трудоинтензивните дејности. Во рамки на посетата на текстилна фабрика министерот ја истакна и важноста на растот на минималната плата за работниците во овие дејности.

Владата во изминатите месеци креира можности за подобрување на животниот стандард. Министерот спомена неколку податоци од претходните месеци во оваа насока.

Како резултат на покачувањето на минималната плата, над 90.000 вработени со полно работно време добија повисоки плати. Просечната плата во државава во јануари и февруари оваа година е за 4.6% повисока отколку во истиот период лани.

Според МФ, со ова е исправена неправдата кај секторите кои земаа пониска плата од минималната. Ефектите најдобро се гледаат токму во овие индустрии. Кај производството на текстил растот на плата во јануари и февруари изнесува 22%, кај облеката 15%, додека во кожарството растот е 17%.

Министерот Тевдовски додаде дека може, и треба да се направи повеќе за растот на платите. Со новата мерка за работник кој ќе добие покачување на платата во однос на 2017 година, Државата ќе покрие 30% од тој раст. Растот ќе се споредува со последното тримесечје на минатата година. Мерката ќе се однесува на работници кои имале просечна нето плата до 18.000 денари во последните три месеци на 2017 година.

Поддршката ќе се исплаќа откако фирмата ќе ја исплати платата на вработениот.

Проценките покажуваат дека околу 50.000 вработени, во околу 15.000 фирми, ги исполнуваат условите. Станува збор за помош за т.н. трудоинтензивни компании. Тоа се компании кај кои трошоците за вработени сочинуваат повеќе од 50% од вкупните трошоци.

Министерот ги повика на целосно искористување на средствата. Тоа ќе значи дека има раст на платите, а државата е тука да даде поддршка за тој раст.

Растот на платите позитивно ќе влијае на растот на продуктивноста на компаниите и на растот на животниот стандард на работниците.