22/11/2024
Македонија

Тевдовски: Создаваме услови за раст на платите и унапредување на животниот стандард на граѓаните

Денес министерот за финансии Драган Тевдовски одржа прес-конференција на која се осврна на состојбите со растот на платите во државата, како клучни во економската програма на Владата на Република Македонија за унапредување на животниот стандард на граѓаните.

Тој информира дека „Според последните податоци за државниот завод за статистика, во месец јануари просечната плата за прв пат надмина 24.000 денари и таа изнесува 24.025 денари. Во споредба со јануари минатата година тоа е раст од 1.275 денари, односно 5.6%. Ова е најголем годишен раст на платите од 2010 година.

Она што можете да го видите на вториот графикон, а што е особено важно е растот на платите во текстилната индустрија, во индустријата за производство на облека и производство на кожа. Тоа се оние три индустрии за коишто во минатото постоеше она второ пониско ниво на минимална плата. Ова се практично дејностите каде што мерката за зголемување на минималната плата донесена во септември најдиректно влијаеше.

Еве ги резултатите: Во кожарството има раст на просечната плата од 2.171 денар, или 19%. Во производството на облека растот на просечната плата е 2.069 денари – тоа е раст од 16%. Во текстилната индустрија платата расте за 24%, односно за 3.870 денари.“

Во минатото постоеја две нивоа на минимална плата: за индустриите за текстил, облека и кожа од 9.000 денари, а за сите други 10.080 денари. Сега минималната плата е 12.000 денари и важи за сите – бидејќи сите граѓани и работници подеднакво заслужуваат достоен живот. Над 90.000 граѓани со низок доход примаат повисока плата благодарение на оваа мерка.

„Ние силно веруваме дека спиралата на платите ќе продолжи во иднина и дека платите ќе растат. Притоа, тука сакам да дадам поддршка и поттик и за компаниите кои исплатија повисоки плати и со тоа ја поддржаа оваа наша заедничка борба за повисок животен стандард на граѓаните во Македонија. Владата создава услови и за нив да имаат слободна, еднаква и европска средина за работење и напредување.  Со ова покажуваме дека сериозно работиме на создавање на можности за раст на платите, за водење на бизнис во Македонија но и намалување на нееднаквоста помеѓу граѓаните“ истакна министерот Тевдовски.

https://www.youtube.com/watch?v=oOPDKCMQ3XY