26/11/2024
МакедонијаРегион/Свет

Тим-прес од Загреб објави 4 романи од Луан Старова

Во издание на Тим-прес (Tim-press), од Загреб, во еден том, објавени се романите на Луан Старова “Времето на козите” и “Враќањето на козите”.

Kултниот роман на академик Старова, “Времето на козите”, досега, во светот, објавен на дваесет јазици, во Хрватска, за првпат, беше објавен пред близу дваесет години, во превод на големиот хрватски преведувач Мате Марас.

Излезе во познатата едиција на ,,хит-романи’’, додека романот “Враќањето на козите” е во превод на проф.др. Борислав Павловски.

Свовремено, одличниот прием на првиот роман, го предизвика и интересот за објавувањето и на вториот роман “Враќањето на козите”.

Издавачот Тим-прес во 2017 г. во превод на Жељка Демниева и Споменка Демниева го објави на хрватски јазик и романот Ервехе-книга за една мајка, прогласен за роман годината во Македонија (2005). Романот Ервехе беше претставен пред загрепската читателска публика, а за романот меѓу другите говореше и Миленко Јерговиќ, познат писател од Хрватска и регионот. Романот успешно беше преставен и на Саемот на книгата во Пула со присуство на авторот.

Истиот издавач Тим-прес, 2018 година, го објавува на хрватски јазик и четвртиот роман Луан Старова “Љубовта на генералот”, во превод на Мате Марас.

Овој роман инспириран од балканските случувања од времето Првата светска војна, беше објавен во времето на одбележувањето на стогодишнината од Големата војна.

Објавувањето на овие четири романи го означува натамошниот успешен пробив на ,,Балканската сага’’ на нашиот познат автор во хрватскиот културен и јазичен простор.

Претходно, повеќе романи од оваа сага, се објавени во Франција, Германија, Италија, Турција, Бугарија и други земји.

Ова, секако, се должи на оригиналниот, жив и искрен пристап кон една комплексна животна материја, толку битна за иднината на балканските народи и Европа.

Не случајно, токму во Франција, каде што досега се објавени најмногу романи од балканска сага, париската книжевна критика (Livres Hebdo,8.maj 2009) високо ги вреднува и ги става “во редот на големите европски романи’’.

Веле Митаноски