Тодоров: Една победа ќе биде малку, ни требаат две-три!
Со прес-конференција нашата најдобра селекција означи почеток на подготовките во пресрет на натпреварите од евроквалификацискиот циклус. За една седмица од денес, нашите сениорски репрезентативци ќе го одиграат првиот натпревар во рамки на квалификациите за Европското првенство, закажано за една година.
„Најважниот настан се ближи до реализација, се подготвувавме како федерација да обезбедиме најдобри услови што во моментов можеме и се надеваме дека тимот ќе биде задоволен. Успехот на репрезентацијата е успех на цела Македонија и се надеваме дека ќе се вратиме на големите европски натпреварувања. Ние сме повеќе концентрирани на натпреварот со Естонија, со кого го отвораме овој циклус. Сметам дека сме подобри и имаме реални шанси да победиме. Го одложивме и Купот за да бидеме повеќе посветени на репрезентацијата.“ – истакна Спортскиот директор Тодор Гечевски.
„Денес почнуваме со тренинзи и мислам дека имаме доволно доста денови за да се припремиме за натпреварот со Естонија кој е доста важен за нас. Имаме еден пријателски натпревар во меѓувреме и се надевам дека сите ќе биде здрави и ќе покажеме се од себе“ – додаде капитенот на селекцијата, Војдан Стојановски.
„Во овој момент ова е најоптималниот состав, имајќи го предвид здравствениот билтен и желбата на некои играчи. Навистина сум пресреќен што добив само еден негативен одговор од сите со кои разговарав. Исклучително важно за нас е да се подготвиме добро за натпреварот со Естонија и како што кажа капитенот, да го пречекаме натпреварот оптимално здрави“ – заврши селекторот Александар Тодоров.
Прес-конференција, па веднаш на работа. Селекторот Александар Тодоров ги спушти „долу“ на теренот во салата „Борис Трајковски“ избраниците. Односно играчите и стручниот тим со кој ќе ја поведе нашата селекција во квалификациите за ЕП 2021 година.
Евидентна беше возбудата кај повиканите кошаркари, особено кај оние помладите, односно дебитантите во „црвено-жолта“ селекција, онаа сениорската, секако.
Ги има петмина, тројца од нив играат во македонската Прва лига Филип Бакоч, Кристијан Николов и Виктор Ефремоски. А двајца во лигите на Италија, Андреј Јакимовски, Марко Миловановиќ.
Во оваа „возрасна“ категорија спаѓа и Ненад Димитријевиќ, единствено отсутен кошаркар на првиот тренинг на сениорите. Бекот на шпанскиот Хувентуд ќе им се приклучи на репрезентативните соиграчи за неколку дена.
Селекторот Александар Тодоров има комплетна претстава на можностите на оваа селекција, но и потполна подготовка за првиот противник во квалификациите – Естонија.
„Немаме тим кој може да постигне 90 поени, тие имаат, па ќе мора да ги сопреме. Тие се шутерска екипа исто како нас, процентите за три поени ќе бидат од големо влијание. Онаа екипа која сака да победи, ќе победи. Ако ја создадеме таа хемија, ќе успееме. Звучи како шаблон, да играме со срце. Имаме подготвено индивидуални видеа, знаеме кој на која позиција ќе игра, по колку минути ќе игра, кој ќе го понесе товарот. Освен тоа, успеавме да дојдеме до натпревари кои играа лани во Полска. Целиот процес на подготовка ќе биде подготовка на претпоставка, за мене предност е што овој прв натпревар ќе го играме дома а не на гостински терен“- потенцира селекторот Тодоров.
Со јасен став дека мечот на 20. февруати во А1 Арената „Борис Трајковски“ нема да биде и пресуден во конечниот изглед на табелата од групата „Б“ во евро-квалификациите.
„Мечот против Естонија не е клучен. И со една победа не може да се помине на Европско првенство, ни требаат две или три победи“- јасен беше Тодоров.
Инаку, согласно со договорот со стручниот штаб и селекторот Александар Тодоров, сите тренинзи на нашиот национален тим кои ќе се реализираат во А1 Арената „Борис Трајковски “ во Скопје, ќе бидат отворени за јавноста освен на 16.февруари (недела). За кога е планирано одигрување на контролен натпревар.
Освен тоа, претставниците на медиумите ќе можат да земаат изјави во периодот 15.минути пред почеток на секој тренинг.
РАСПОРЕД НА АКТИВНОСТИ НА МАШКАТА СЕНИОРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
13. ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК)
20.00: Тренинг
14. ФЕВРУАРИ (ПЕТОК)
12.00: Тренинг
20.00: Тренинг
15.ФЕВРУАРИ (САБОТА)
20.00: Тренинг
16.ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА)
12.00: Тренинг
20.00: Тренинг-натпревар
17.ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК)
18.45: Состанок
20.00: Тренинг
18.ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК)
12.00: Тренинг
20.00: Тренинг
19.ФЕВРУАРИ (СРЕДА)
17.15: Состанок
18.00: Тренинг
20. ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК)
12.00: Тренинг
20.15: Натпревар – Македонија – Естонија