Традиционален Велигденски концерт на „Танец“
По повод големиот верски празник Велигден, ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, вечерва од 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе го одржи традиционалениот Велигденски концерт …
„Танец”, кој повеќе од шест децении е симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура на концертот ќе се претстави со голем број песни и кореографии од македонската музичка традиција. Овој месец велигденски концерти „Танец“ ќе одржи и во Битола на 16 април и во Охрид на 17 април, а по повод големиот христијански празник концерти низ земјава ќе одржи и во мај и тоа во Велес и во Гевгелија.
„Танец“ е формиран во мај 1949 година со указ од тогашната влада. Овој наш културен амбасадор кој ја презентира богатата македонска традиција во земјата и во светот учествувал на повеќе од 4.500 концерти, а за неговите успеси говорат и бројните награди и признанија како што се „11 Октомври”, „Климент Охридски”, наградата од градот Скопје „13 Ноември” како и орденот на заслуги доделен од претседателот на Република Македонија.